Филипче не кажува дали в среда ќе ја прими вакцината на „Фајзер“ меѓу првите, како што најави

Од:

Министерот за здравство Венко Филипче не кажува дали в среда со личен пример ќе покаже дека сите вакцини се безбедни оти биле развиени на безбедни платформи и ќе ја прими вакцината на „Фајзер“. Тој не одговори на прашањата од „А1он“ за тоа дали ќе биде на списокот меѓу првите здравствени работници пријавени да ја примат вакцината.

Министерот Филипче пред девет дена, кога го најави потпишувањето на договорот за набавка на кинеската вакцина, рече дека нема резерва кон ниту една вакцина и дека ќе се вакцинира со која било вакцина што прва ќе пристигне во земјава.

„Во смисла на тоа со која вакцина јас лично би се вакцинирал, немам резерва кон ниту една. Без намера да ја зимам предноста пред колегите кои директно работат со ковид – пациенти, во смисла на доказ дека вакцините се безбедни, дека не треба да има сомнеж, дека граѓаните треба да се уверени дека овие вакцини ќе бидат безбедни за сите, дека имаат ефект, дека тие се инструментите кои сега ги имаме во рацете да се справиме пандемијата, конечно би се вакцинирал меѓу првите со која било вакцина која прва ќе стигне во земјата. И конкретно и со кинеската“, рече министерот Филипче при претставувањето на Националниот план за Ковид – 19 имунизација и најавата на догворот за кинеските вакцини.

Први во земјава стигнаа вакцините на „Фајзер“ кои ни ги отстапи Србија од сопствените количини. Вчера на граничниот премин Табановце српскиот претседател Александар Вучиќ му предаде на премиерот Зоран Заев 4680 дози од вакцината на „Фајзер“ од вкупно договорените 8.000 кои допрва се очекува да стигнат. Поради проблеми околу обезбедување дозволи од „Фајзер“ за отстапување на количината, пристигнувањето на вакцините минатата недела еднаш беше закажано па откажано, а откако ги набавиле сите документи во саботата вечерта, српскиот претседател Вучиќ , рече дека решил веднаш да ги донесе без оглед на тоа што вчера беше неработен ден и без оглед на студот.

Од Министерството за здравство не одговорија ниту на прашањето од кои причини стигнаа само 4680 од ветените 8000 дози вакцини ниту пак кога ги очекуваат останатите.

По „Фајзер“ во земјава се очекува да стигне и кинеската вакцина на компанијата „Синофарм“. Премиерот Зоран Заев денес рече дека нарачаните 200.000 дози од кинеската вакцина очекува да стигнат до крајот на февруари.

Вакцинирањето ќе почне в среда во модуларната болница до Инфективната клиника во Скопје, а први вакцината, според најавите, ќе ја примат токму вработените од Инфективната клиника.

Би можело да ве интересира

Филипче: Невработеност од најниски седум отсто и поддршка од 180 милиони евра за бизнисот

Филипче: Месечен надоместок од почетни 60.000 денари за специјализантите

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ 11 години од специјализантите правеше социјални случаи, СДСМ го плати нивниот труд

Филипче од Кавадарци: Се среќавам со преку 200 луѓе дневно, лице в лице се гради довербата

Филипче од Радовиш вети просечна пензија од 30 илјади денари

Катерина Ѓуровски

Филипче: Зголемување за 15% на капитацијата за матичните лекари

Орце Костов