Министерот за здравство Венко Филипче е спремен да почне преговори за набавка и на руската вакцина „Спутник 5“ и на кинеската од „Синофарм“ ако СЗО ги препорача. Министерството за здравство на прашањето од „А1он“ дали се преговара за директна набавка и на овие две вакцини одговараат „секоја вакцина што ќе биде препорачана од СЗО за нас ќе важи дека е ефикасна и безбедна вакцина, но засега не се преговара ни за ’Спутник 5’ ни со кинеската ’Синофарм’“.
Во текот на оваа недела, пак, ќе биде извесно дали ќе можеме да ја набавиме и оксфордската вакцина откако министерот Филипче извести дека Владата стапила во директен контакт со „Фајзер“ и со „Астра Зенека“ за набавка на нивните вакцини. „Фајзер“ веќе одговори на барањето на Министерството за здравство дека може да почнат директни преговори, а одговорот од „Астра Зенека“ кои направија вакцина против Ковид – 19 заедно со Оксфордскиот универзитет, се уште се чека.
„Оваа недела очекуваме одговор и од ’Астра Зенека’ што ќе значи дека преку овој механизам, со директна комуникација со комапаниите производители, ќе преговараме за да обезбедиме дополнителна количина вакцини“, велат од Миистерството за здравство.
Преку Ковакс – платформата договорена е набавка на 833.000 дози од вакцината за заштита од Ковид – 19, доволна за вакциниање на околу 20 отсто од населението оти вакцинирањето е во две дози. Вакцините нема да стигнат одеднаш, а првата пратка преку Ковакс – механизмот, кај нас, се очекува до март.
Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ и германската биотехнолошка компанија „Бионтек“ поднесоа барање до Европската агенција за лекови (ЕМА) за овластување за итна употреба на вакцината против Ковид-19 на крајот на минатиот месец. Одговор од ЕМА се чека до крајот на овој месец по што ќе почне дистрибуцијата на вакцините.
Вакцинирањето со вакцината на „Фајзер“ вчера почна во Обединетото Кралство, а прва ја прими 90 – годишна жена.