Директорката на охридската болница ќе биде разрешена од функцијата поради случајот со починатата 66 – годишна жена од струшко која и покрај препораката од матичниот лекар, не била примена во болница. Министерот за здравство Венко Филипче извести дека е во тек истрага за целиот случај.
„Утре директорката ќе биде разрешена, ќе биде поставен нов директор. Денеска на увид се инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за утврдување на одговорноста на сите други вклучени во овој процес и согласно информациите ќе се одлучува понатаму за одговорноста на луѓето вклучени во овој случај. Се испитува индикацијата за упатување од матичниот лекар, причините поради кои не била примена во боницата, зошто се случило сето ова. За резултатите дополнително ќе информираме “, рече министерот Филипче.
Тој нагласи дека во меѓувреме е покрената постапка од охридското обвинителство и апелираше институциите целосно да ја спроведат истрагата.