Филе побара датум за преговори за Македонија

Од:

Германскиот шеф на дипломатијата само го слушал еврокомесарот и ставот на Берлин ќе се утврди подоцна.

Eврокомесарот Штефан Филе и шефот на германската дипломатија, Гидо Вестервеле, цел час вчера во Берлин разговараа за процесот на проширување на Западен Балкан. Двајцата анализирале што велат октомвриските извештаи за напредок на ЕК за секоја од земјите и што може да се очекува на декемврискиот самит на Европскиот совет.

Според информациите на Дојче веле, еврокомесарот Филе му укажал на Вестервеле дека „ќе се радува и посакува во однос на Македонија, конечно, да има напредок“, бидејќи земјата четирипати едноподруго добива препорака за почеток на пристапните преговори и тие, конечно, треба да започнат.

„Имав исклучителни разговори со еврокомесарот за проширување, Филе. Сметам дека работата на Европската комисијата е убедлива. Секако дека сите предлози на Комисијата детално ќе ги разгледаме, но во овој момент не сакам да дадам конечна оцена, зашто ова допрва ќе се вреднува“, одговори Вестервеле по средбата на прашањето дали Германија ќе ја следи препораката на ЕК за Македонија.

Во разговор за агенцијата Ројтерс, Филе изјави дека Македонија треба да ги започне преговорите со ЕУ без да се инсистира на решение за името. „Позитивните сигнали од Скопје и од Атина најавуваат дека решението за спорот со името може да се најде откако ќе започнат преговорите и да не бидат повеќе услов за нивно започнување“, рече Филе. „Доколку тоа не биде случај, можеме да гарантираме дека доколку спорот не се реши во раната фаза од преговорите, тоа ќе резултира во забавување или целосно запирање на процесот на преговори“, додаде Филе.

Како што и самиот соопшти, Вестервеле конкретно не се произнел за ваквите ставови на Филе. Германија преферира да се реши спорот околу името, но инсистира дека таа не е проблем и дека ако има предлог што е прифатлив за Грција и доколку има во оваа насока придвижување, Германија нема да има ништо против почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Германската поддршка треба да ја потврдат и надлежните комисии на Бундестагот, кои даваат или не даваат зелено светло на одлуките од ваков тип на ЕУ.

Еврокомесарот Штефан Филе, според изјавата на неговиот портпарол Петер Стано, до конечната одлука на Европскиот совет во декември си зел задача во директни разговори да ја образложи препораката на ЕК за Македонија. За оваа цел ги посетил и Софија и Атина, а ќе следуваат и други посети пред земјите-членките на ЕУ во декември да го кажат ставот за нашите преговори.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он