Комесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе, попладне во Европскиот парламент во Стразбур ќе го објави Специјалниот извештај за Македонија што Европската комисија го подготвуваше според заклучоците на декемврискиот Самит на Европскито совет.
До 16:00 часот кога е закажано појавувањето на Филе во Европарламентот, македонскиот извештај ќе биде отворен за измени и дополнувања. Пред се тоа се однесува на прашањето дали до вечер Комисијата ќе подготви заклучоци за кусиот извештај или документот според најавите ќе биде само информативен во однос на остварените резултати на Македонија во однос на добрососедството со Бугарија, преземените чекори во решавањето на наметнатиот спор за името со Грција и резултатите од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД).
Како што претходно објави МИА, овој Специјален извештај нема да содржи препорака за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, туку само ќе биде потврдена веќе дадената препорака од ЕК во октомврискиот редовен прогрес-извештај за земјата. Со оглед на тоа што Македонија и Бугарија се во напредна фаза од преговорите за добрососедство и се пред склучување договор, како и големото придвижување во преговорите за името со посредство на медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц во Њујорк, овие две точки ќе бидат позитивно претставени, без оценки и заклучоци во овој извештај.
Во однос на ХЛАД-от, комесарот Филе при последната посета на Скопје потврди дека Македонија има најголем напредок и остварено голем број реформи (остварен видлив напредок во 48 од 53 препорачани специфични чекори) и тука освен забелешката за нивото на политичкиот дијалог во земјата, Комисијата исто така се очекува да даде најдобри резултати.
Вчера, овој извештај за Македонија беше биде усвоен на Колеџот на комесари на Европската комисија, додека за 22-ри овој месец во Луксембург се закажани состаноци на Советот за министри за надворепни работи (ФАК) и на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), каде првпат шефовите на дипломатиите на 27-те земји-членки на Унијата ќе разговараат за можноста Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство на јунскиот Самит на Европскиот совет. Сето ова ќе зависи од денешниот извештај, кој како сега стојат работите се очекува да биде генерално позитивен и останува во јуни Европскиот совет по однос на заклучоците на својот последен Самит, тоа да го нотира и да ги отвори пристапните преговори со Македонија.
Во Стразбур денеска ќе биде и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, кој доаѓа на покана на генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Горан Свилановиќ, за да учествува на работна вечера со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан.