Главен одбор на Сојузот на борците на Македонија револтиран од состојбите, на 16. февруари организира и повикува на пиететен и протестен Февруарски Марш
Во повикот стои:
„Сите Вие што ги почитувате традициите и придобивките на државотворната, Народноослободителна и Антифашистичка борба на Македонија од 1941-1945 год. , сите Вие што ја сакате просперитетна Македонија без разлика на партиска, етничка и верска определба, Ве повикуваме на 16 февруари ( сабота) 2013 год. на плоштадот Македонија во Скопје во 11 часот, да оддадеме почит на борците, учесници во февруарскиот поход.
За да изразиме чествување на епохалната етапа од НОБ чиј дел е и епохалниот Февруарски марш од 1944 год., кој ги поврза и ги разгоре сите борбени жаришта на востаната Македонија против фашизмот и допринесе за наша слобода и државност, а истовремено да искажеме протест на сегашниот недоличен и негирачки однос на актуелната власт кон таа најрезултантна етапа од македонската борба, нејзините борци и нивната организација, што резултираше со одземање на просториите во кои престојуваше Главниот Одбор, Ве повикуваме Вас граѓаните на Македонија да ни се придружите.
Борците и граѓаните, продолжувачи на слободарските традиции, Ве очекуваат во стројот на новиот Февруарски марш, во одбрана и зачувување на слободата и државноста на Република Македонија.