Обвинителката Фатиме Фетаи на прес конференција говореше за, како што рече бескрупулозноста и насилното и вулгарно апсење на Љубе Бошкоски, на 6-ти јуни 2011, еден ден по парламентарните избори.
Бошкоски, рече Фетаи, од 14 часот и 30 минути до 16 часот без да даде никаков отпор бил држен со употреба на сила од страна на припадницте на МВР, кои ги пречекориле овластувањата.
„Командантот на алфите им наредил да го легнат на земја. Останатите осомничени насилно го легнаа Бошкоски и удирајќи го му велеа – Шефот ми рече дека осум години ќе лежиш во затвор. Пи.ка ти материна. Да ти е.ам жената. Бел ден да не видиш и уште други вулгарности кон неговата мајка, жена и деца“, рече Фетаи.
Бошкоски потоа бил свртен со лице кон тоалетот и пола час држен така, за да можат да го снимат веќе викнатите медиуми. Со ова рече Фетаи, на Бошкоски му е предизвикано душевно страдање, понижено му е човечкото достоинство и е дискредитиран по политичка основа.
Фетаи рече дека обвинителството издало наредба за поведување истражна постапка за седум лица во работен однос во МВР, за мачење, сурово постапување и казнување.