Одделението за имотни деликти при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 18-годишниот Р.Т. и малолетните В.Ј. (16), С.Ч. (17), Ф.В. (17) и А.Б. (17) поради сомнение дека го запалиле возилото на директорот на СУГС „Зефљуш Марку“.
Со тоа тие се осомничени дека сториле кривично дело „предизвикување општа опасност“ и причиниле материјална штета од околу 390 илјади денари.
Приведените се сомничат дека на 16 април околу 18 часот во училишниот двор го скршиле задното стакло од десната страна на возилото и во него фрлиле молотови коктели.
Сите се сретнале во непосредна близина на училиштето, кај старата железничка станица Скопје-Север, каде ги подготвиле молотовите коктели, а по кусо време се упатиле кон паркингот каде било паркирано возилото. В.Ј. со чеканче за стакло го скршил прозорецот на автомобилот по што ги фрлиле молотовите коктели. Чеканчето го фрлиле во непосредна близина на опожареното возило и врз основа на извршените ДНК анализи потврдено е дека отпечатоците се на В.Ј.
Причина за опожарувањето на возилото, како што кажале малолетниците во разговорот со полицијата, било тоа што директорот на училиштето одлучил оние деца кои не се дисциплинирани да не одат на екскурзија.
Извршен е разговор и со директорот на училиштето М.Р. Со судска наредба одземени се видео записите од 17 април од бензиската пумпа на „АМСМ-Услуги Петрол“ на кои се гледа како В.Ј. точи бензин во пластично шише од два литри истиот ден пред да се случи палењето на возилото.
Приведените малолетници досега не и се евидентирани во крим евиденцијата на СВР Скопје.