„Фала му на Бога што ме откривте, ме спасивте“, се заблагодарувала жената што работела во ВМРО-ДПМНЕ, а плата земала од Централен регистар

Од:

Жената којашто земала плата од Централен регистар, а работела во ВМРО-ДПМНЕ на инспекторите им се заблагодарила што го откриле целиот случај, кој заврши со кривична пријава и барање за притвор за ексдиректорот Андреј Поповски. Извори од судот за „А1он“ велат дека на жената со иницијали (М.К.Д.) ѝ олеснило што можела да си ги каже маките на инспекторите.

„’Фала му на Бога што ме откривте, ме спасивте. Ова повеќе не се издржуваше’, беа зборовите на жената кога ѝ беше соопштено дека случајот е откриен. Таа се пожали дека во ВМРО-ДПМНЕ ја затрупувале со работа оти, иако молчеле, сите знаеле како и од каде земала плата, па ја сметале за вечен должник на партијата“, велат извори за „А1он“.

Финансиската полиција, која ја води истрагата, соопшти дека (М.К.Д.) била вработена на 16. 12.2014 година во Централниот регистар како референт за регистрација. На работното место на коешто била примена воопшто не се појавувала, не ја отчукувала картичката за присуство, но и покрај тоа до 29.05.2017 година земала плата и секој месец била додавана на листите за присуство на работа како секојдневно да доаѓала на работното место. Во мај 2017 година заминала на породилно отсуство.

„Покрај тоа што фиктивно била вработена во Централниот регистар, (М.К.Д) добивала и најдобри оценки за работата. Вработени во регистарот ја оценувале нејзината работа како одлична, што, пак, било основа за напредување во службата и зголемување на платата“, велат нашите извори кои нагласуваат дека овој случај, спротивно на сите начела, е класичен пример за единството што владеело меѓу државата и партијата.

Истражна постапка се води и против вработените во Централниот регистар кои му помогнале на директорот Поповски со години да ѝ дава плата на вработената која не се појавувала на работа.

„Пријавениот А.П.  ги пречекорил своите овластувања, на начин што иако знаел дека лицето М.К.Д. била работно ангажирана за потребите на одредена политичка партијата и истата воопшто не доаѓала на работа во Централниот регистар, на пријавените лица на раководни позиции во Централниот регистар со иницијали В.В. , А.А.К , К.Ф. и В. М. им наложил да биде евидентирана како редовно присутна на работа, и при изготвувањето на интегрираните листи за евиденција на редовност секој месец да го додаваат и лицето М.К.Д. , односно истата ја евидентирале како присутна на работа, и така дополнетите листи ги доставувале до Одделението за финансиско-сметководствени работи, со што дозволиле спротивно на законските прописи од буџетот на Централниот регистар редовно да ѝ биде исплатувана плата и надоместоци од плата. Исплатен ѝ е вкупен износ од 1.169.120 денари,  на штета на буџетот на Централниот регистар “, извести денес Управата за финансиска полиција која денес поднесе кривична пријава до Основно јавно обвинителство Скопје против ексдиректорот Поповски и неговите помошници.

Обвинителството соопшти дека донеле наредба за спроведување истражна постапка против пет лица од кои ексдиректорот Поповски е осомничен за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување додека останатите четири лица се осомничени за помагање при извршување на истото кривично дело. Обвинителството побара притвор за Поповски кое Кривичниот суд не го прифати и мерки на претпазливост за тројца од останатите.

Би можело да ве интересира

Мисајловски: Сплотени, сите заедно од Шуто Оризари порачуваме дека на 24 април победува Силјановска Давкова

Орце Костов

ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски ниту еднаш не го нападна, ниту искритикува ДУИ, тие се сијамски близнаци

(ВИДЕО) Интервју со Димитриевски: Исклучувам постизборна коалиција со СДСМ, дел од раководството треба да одговара

Александар Тодески

ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски е извор на говор на омраза, тој се смееше и аплаудираше додека активист на СДС ја навредуваше Силјановска

Мисајловски: Куманово има преубава позитивна енергија која води до Силјановска Давкова

А1он

Обвинителството чека извештај за претресите во Идризово, официјална потврда за ископаните тунели се уште нема