Евростат: Македонија доцни со попис

Од:

Република Македонија веќе пет години доцни со спроведување на попис, а тој не е политичка, туку статистичка операција и треба да се спроведе единствено на лица кои при извршувањето на пописот ќе се најдат на територијата на Македонија и не се повеќе од една година отсутни од државата.

Ова е пораката од Европската канцеларија за статистика (Евростат), што за МИА ја пренесе Пјетер Евераерс, директор за меѓународна соработка на Евростат. Според овој експерт од највисокото тело за статистички операции во Европа, методологијата за спроведување на попис е определена од Обединетите нации и не смее да биде предмет на политичко пазарење и извртување на принципот и начинот на извршување, а со остварување на било-какви други цели што немаат врска со една класична статистичка операција, бидејќи таквиот попис во иднина нема да биде признат од страна на Евростат.

Како што јавува дописникот на МИА од Луксембург, во однос на тоа што Република Македонија не е во можност да спроведе попис на населението веќе 15 години и дали е тоа според стандардите на Евростат или 15 години е премногу долго, Евераерс вели дека нормално, попис на население и домување се врши на секои десет години.

– Статистичкиот оддел на Обединетите нации (УНСД) ги раководи светските програми за попис на населението и домувањето, а следната програма за попис се однесува на 2020 година. На сличен начин и врз основа на меѓународните препораки од УНСД, но и на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ), Евростат ја дефинира европската програма за попис и бара со регулатива од земјите-членки на ЕУ да ги пријавуваат податоците за населението и домувањето на секои десет години, посочува тој.

Според политичките толкувања на доцнењето во спроведувањето на пописот во Република Македонија, причините се како да се спроведе попис, а за тоа кои се главните правила на Евростат за спроведување на пописот, соговорникот од врвот на Европската канцеларија за статистика вели дека европските регулативи за програмите за попис дефинираат збир на теми и варијабли што се потребни за попис на населението. Додека овие регулативи главно ги опишуваат потребните податоци, пред се во однос на излезот, според Евераерс, методологијата и собирањето на податоци треба во основа да бидат во согласност со препораките за „Пописот на населението и домувањето за 2020 година“, како што било потврдено од страна на Конференцијата на европските статистичари (ЦЕС).

Сепак, Евростат има стандардизирани правила за спроведување на пописот и директорот во Европската канцеларија за статистика негира дека пописот може да се спроведе според политички желби и договори во европските земји, а што потоа само ќе биде признато од страна на Евростат.

– Генерално, политичкото и статистичкото опкружување треба да бидат одвоени кога станува збор за методолошки прашања. Општ принцип на професионална независност, според Кодексот за работа на европската статистика, укажува дека клучните корисници, како што се корисниците во јавната администрација, треба да советуваат за потребните податоци, односно какви податоци се собираат. А, Државниот завод за статистика треба независно и врз основа на меѓународни препораки да утврди методологија за собирање на потребните податоци, односно за начинот како да се соберат податоците, дециден е Пјетер Евераерс.

Многу поконкретен, директорот за меѓународна соработка на Евростат е во однос на тоа кој е периодот на престој што едно лице треба да го има на територијата на државата каде се врши попис, што е со оние државјани на државата што се надвор од земјата и работат во странство и колкав период едно лице треба да биде надвор или во земјата, за да биде вклучено во пописот.

Според Евераерс, препораките на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ) и европските прописи ја дефинираат методологијата за пресметување на вообичаената жителска популација според местото на вообичаено живеење.

– Но, како општо правило, вообичаената жителска популација е дефинирана како оние лица кои имаат место на вообичаено престојување во земјата во референтното време на живеење и живееле или имаат намера да живеат таму за период од најмалку 12 месеци. Ова ги вклучува и лицата што се сметаат за привремено отсутни, а што е дефинирано како „лица кои обично живеат на местото на попис на пописот, но отсуствуваат или се очекува да бидат отсутни во референтното време за периоди помали од 12 месеци“. Ова е спротивно на лицата кои се сметаат за привремено присутни, што значи лица кои не живеат или не очекуваат да живеат на попишувачкото место најмалку 12 месеци на местото на попис и тие не треба да се сметаат за дел од вообичаената жителска популација, дециден е експертот на Европската канцеларија за статистика.

Во овој контекст, директорот Евераерс се повикува на препораките 392 и 408 од Генералните препораки за попис на населението и домувањето за 2020 година на Статистичката дивизија на Економската комисија на Обединетите нации (УНЕЦЕ), а одобрени од Конференцијата на европските статистичари (ЦЕС) во јуни 2015 година. Притоа, во препораката 392 на истите, се наведува дека „’Место на вообичаено живеалиште’ е географското место каде што попишаното лице вообичаено го поминува секојдневниот одмор, проценет во одреден временски период, вклучувајќи го и референтното време на пописот“.

Препораката 408, пак, се однесува на националните воени, поморски и дипломатски службеници и нивните семејства кои се наоѓаат надвор од земјата и за нив, според овие Генерални препораки на Обединетите нации, треба да се применат следниве две правила за класификација:

– Ако престојуваат во странство помалку од 12 месеци и тие имаат намера да се вратат во местото на поаѓање, истите треба да се распределат во земјата во согласност со правилата за вообичаено живеење. Особено, тие можат да бидат распределени (со намалување на редот на приоритет): На домашна адреса во земјата, доколку имаат или на адресата на работната станица во земјата во која тие работеле пред да заминат.

– Ако престојуваат во странство најмалку 12 месеци или ако немаат намера да се вратат на местото на поаѓање (иако се враќаат во земјата во рок од 12 месеци), тие треба да се попишат на „виртуелно место“ (екстра-регион) на земјата на поаѓање.

Пјетер Евераерс потврдува и дека Евростат има принцип и може директно да се ангажира со свои експерти во спроведувањето на пописот во една држава, како на пример во Македонија, но само во делот на подготовката на иситот, а не и во неговото директно спроведување на терен. Тој вели дека мандатот на Евростат за собирање податоци од земјите-членки на ЕУ е дефиниран со неговите прописи за секоја статистичка област, но дека преку процесот на проширување на ЕУ, Евростат има мандат да соработува со земјите кандидати и потенцијални кандидати за постепено зголемување на усогласеноста со европската регулатива во областа на статистиката.

– Поконкретно, во однос на пописите за население и домување, Евростат управува со проекти за техничка помош за да им помогне на земјите од процесот на проширување, а преку Техничка координативна група ги следи подготовките за попис на населението и домувањето. Пред започнувањето на самиот попис, Евростат исто така организираше и Меѓународни операции за мониторинг за земјите што покажале интерес за ваков мониторинг. Преку Меѓународните операции за мониторинг, Евростат може да го следи и за возврат да го потврди квалитетот и непристрасноста на завршената работа со пописот, што потоа им овозможува на земјите да ги пријавуваат податоците за пописот на населението кај меѓународните организации и институции – вели директорот за меѓународна соработка на Евростат.

Еден од челните луѓе на Европската канцеларија за статистика, објаснува и како и кога Евростат го препознава пописот во европска држава како легитимен и според неговите стандарди. Според него, најпрво мора да се разграничат земјите-членки на Европската унија и другите земји, како што се земјите од процесот на проширување, меѓу кои е и Македонија. За земјите-членки на Унијата, Евераерс вели дека податоците од пописот, како и податоците од сите други статистички домени ги следат јасни и усогласени дефиниции за варијаблите што треба да се пријават и соодветните мета-податоци и извештаи за квалитет.

Тој вели дека пријавените податоци се предмет на стандардизирани контроли за валидација.

– За земјите од процесот на проширување, пак, односно оние што не поканија, Евростат организираше Меѓународни операции за мониторинг за да го олеснат и обезбедат спроведувањето на пописот во согласност со меѓународните препораки и европските регулативи, а со тоа и во согласност со принципите што претходно ги споменав. Ова е обезбедено со детаљно оценување на квалитетот на работата во секоја главна фаза на спроведување на пописот на населението, од подготовките, до пребројувањето, преку собирање и обработка на податоците, како и нивното ширење, појаснува Евераерс.

На крајот, главниот на Европската канцеларија за статистика за Македонија и останатите земји од „меѓународна соработка“ на Евростат, во однос на македонската држава вели дека Евростат ги следеше подготовките и раните фази од претходниот попис во 2011 година, додека пребројувањето не беше прекинато. Сепак, директорот Евераерс додава дека Евростат не спровел детаљна физибилити студија за следниот попис што се очекува во Македонија.

– Но, Евростат ги следи плановите и подготовките за идниот попис преку своите редовни активности за статистичка соработка со Државниот завод за статистика, како и преку претходно наведената Техничка координативна група, завршува директорот за меѓународна соработка на Евростат, Пјетер Евераерс.

Би можело да ве интересира

Пратеникот Реџепи ja оспорува Методологијата за пописот oд 2021 година

Горан Наумовски

Директорката на албански ИНСАТ ги отфрли обвинувањата за манипулации со пописните резултати

Околу 13,2 милиони луѓе се невработени во ЕУ

Евростат: Бугарија е држава со најмалку среќни луѓе

A1on

Апелирам Македонците од Албанија масовно да учествуваат во пописот, порача Мицкоски

А1он

Ревизија на Пописот: Софтверот за дијаспората бил набавен од спонзор за кој не знаеле во министерство за правда

A1on