Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји утре ќе ја посети Северна Македонија по повод пристигнувањето на првите вакцини против Ковид-19, споделени и финансирани од ЕУ. Заедно со Вархеји, во Скопје ќе допатува и австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер.
Европската комисија и Австрија на 20-ти минатиот месец објавија дека вкупно 651.000 дози на вакцините „Фајзер“ ќе бидат доставени на регионот, на неделна основа, од почетокот на мај до август. Од нив, 119.123 вакцини ќе бидат за Северна Македонија.
Вакцините се финансирани од пакетот вреден 70 милиони евра, кој ЕК го одобри во декември минатата година за да помогне во покривањето на трошоците за вакцини обезбедени преку договорите на ЕУ за авансна набавка за партнерите од Западен Балкан. Австрија го олесни споделувањето на овие вакцини финансирани од ЕУ преку правни договори со производителот и со секој партнер од Западен Балкан.
– ЕУ покажува солидарност и грижа во однос на земјите од Западен Балкан од самиот почеток на пандемијата. За Северна Македонија, ЕУ обезбеди околу 230 милиони евра за итни медицински набавки и како поддршка во ублажувањето на социо-економските последици од пандемијата, стои во соопштението на Делегацијата на ЕУ во Скопје.