Европската комисија уште еднаш упати остри критики за претседателот Ѓорге Иванов и ВМРО-ДПМНЕ, поради како што рекоа, блокадите на демократските процеси во Македонија. Известувачот за Македонија, Иво Вајгл го презентираше извештајот за Македонија во кој стои дека Парламентот не може да биде формиран поради систематски опструкции на ВМРО-ДПМНЕ и однесувањето на претседателот Ѓорге Иванов. Од таму наведуваат дека однесувањето на Иванов било критикувано од ЕУ, САД и НАТО, а позициите кои ги зазема тој ја откриваат неговата партизираност.
Тонино Пицула од групата на социјалистите кажа дека ВМРО-ДПМНЕ и Ѓорге Иванов се соочени со губење на власта, па затоа ја воведуваат Македонија во уште подлабока криза.
– Тие поттикнуваат протести, ги игнорираат претставниците на ЕУ и го блокираат парламентот, рече Пицула.
Јан Борг од Советот на ЕУ кажа дека е загрижен поради тоа што сѐ уште нема влада во Македонија и нагласи дека претседателот на Советот, Доналд Туск при посета побара државништво и единство во земјата. Борг меѓу другото даде поддршка на Специјалното јавно обвинителство и истакна дека новата Влада треба да работи на реформи, односно реализирање на пржинскиот договор и препораките од Извештајот на Прибе.
Невен Мимица нагласи дека Иванов треба да го даде мандатот и да ги почитува резултатите од изборите, со што ќе дозволи да функционира демократијата.
– Загрижени сме поради потпалувачката реторика на некои политички актери кои ги загрозуваат меѓуетничките односи. Брзото формирање на новата влада нема да биде доволно само по себе. СЈО треба да добие време и ресурси да си ја заврши работата, истакна Мимица.
Европратеникот Едвард Кукан повика Иванов да ја почитува волјата на мозинството и како што рече, се надева дека наскоро ќе се види крајот на кризата во Македонија.