Нема документи за дозвола за рудник во Иловица-Штука, на потег Владата за одземање на концесијата на „Еуромакс рисорсис“

Од:

Концесионерот на рудникот „Иловица-Штука“, „Еуромакс рисорсис“, има доставено барање за издавање дозвола за експлоатација, но тоа не ја содржеше целокупната документација во согласност со Законот за минералните суровини, одговорија од Министерството за економија за „А1 он“. Прашањето се однесуваше на препорката на Владата ова Министерство да ја прегледа документацијата на концесионерот против кого веќе две години активистите и жителите од овој струмички регион направија многубројни протести и бараат да се стопираат активностите за отворање рудник на ова место.

„Имајќи го предвид стратешкото значење на локацијата, како и фактот дека станува збор за потенцијален рудник за експлоатација на металини минерални суровини, кои исто така се од стратешко значење за државата, Министерството за економија за целокупниот тек на постапката ја информира Владата, која како концедент единствено има право да доделува и да одзема концесии за минерални суровини“, стои во одговорот од Министерството.

По задолжението дадено од Владата, Министерството за економија доставило информација за состојбата со исполнетоста на условите за добивање дозвола за експлоатација на локалитетот „Иловица“ во општина Босилово по што Владата донела заклучок со кој го задолжи Министерството за економија да донесе решение за одбивање на барањето за дозвола за експлоатација доколку за тоа се исполнети законските услови, поточно во конкретниот случај доколку не е доставена целокупната документација што се бара во согласност со Законот за минералните суровини.

Истовремено, Владата го задолжи Министерството за економија по донесувањето решение за одбивање на барањето за издавање дозвола за експлоатација, до Владата да достави предлог-одлука за едностран раскин на предметниот договор за концесија, а следејќи ги одредбите од Законот за минералните суровини.

За штетноста на рудникот врз животната средина и низата нерегуларности во врска со концесијата на оваа компанија, во минатите две години активистите алармираа повеќепати. Бунтот кај населението ескалира пред десетина дена кога на теренот кај рудникот „Еуромакс рисорсис“ испрати археолози, кои требаше да се произнесат дали на ова место има вредни археолошки наоѓалишта. Овој чекор беше протолкуван дека препораката од археолозита ќе биде последна за компанијата да добие виза за почнување со работа. Но, блокадите кон рудникот го ставија овој проблем на владина расправа и беше побарано од Министерството за еконимија да се произнесе за правните и формалните аспекти на договорот со „Еуромакс рисорсис“.
Во моментот Министерството за економија постапува по задолжението дадено од Владата, а активистите продолжуваат со секојдневни блокади на патот кон рудникот и велат дека нема да се откажат додека Владата не ја одземе концесијата.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Поповска: Антикорупциска да истражи дали функционери од Министерство за економија имаат судир на интереси за рудникот

Габриела Димковиќ-Мишевска

„Еуромакс ресурси“: Проектот Иловица-Штука ќе донесе инвестиции, илјадници работни места и нема да влијае на земјоделството

(ВИДЕО) Протест пред Владата: Итно да се одземе концесијата на Еуромакс за рудникот Иловица

Габриела Димковиќ-Мишевска

Предупредувачки протест пред Владата: Активистите бараат итно да се одземе концесијата за рудникот Иловица – Штука

Ана Василевска

Бектеши: Потпишана предлог одлуката за раскинување на договорот за рудникот „Иловица“

Ана Ололовска

Спречувањето на изградбата на рудникот Иловица – пример за остварување на еколошката правда

Татјана Ташкова