Рутата „Римска империја“ која води преку археолошките локалитети Стоби, Скупи и Хераклеа е најпосетена од страна на странските туристи во Македонија, констатирано е на состанокот на Советот за регионална соработка (РЦЦ) за развој во рамки на денешниот „ЕУ ден на туризмот“ во Брисел.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во рамки на Европскиот ден на туризмот, Европската комисија во Брисел организираше „ЕУ ден на туризмот“, каде беа присутни и претставници од Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ), како единствен македонски претставник.
Според извршниот директор на оваа комора, Биљана Пејоска Ристеска, СКТМ како членка на Регионалниот совет за соработка (РЦЦ), учествуваше на овој настан, каде главни теми беа „Поврзаноста на туризмот и културата и креативните индустрии“, како и „Употребата на културното наследство за нови туристички производи“.
Според Пејоска Ристеска, Македонија е земја со богато културно-историско наследство и истото може да го стави во функција на понудата на туристичкиот производ.
– Она што беше кажано и на состанокот на Советот за регионална соработка за равој, културниот туризам, за да има одржливост и во иднина, мора да се комбинира и со останатите видови на туризми, како што се еко-туризмот, гастрономијата и други алтернативни видови. Тука беше кажано дека од РЦЦ досега се направени испитувања и анализи за Македонија, кои покажале дека во културниот туризам, она што најмногу се бара од страна на светските потрошувачи е рутата наречена „Римска империја“. Според тоа, најпосетени македонски локалитети се Стоби, Скупи и Хераклеа, изјави за МИА извршната директорка на Стопанската комора за туризам на Македонија.
Биљана Пејоска Ристеска, која лично ја претставуваше СКТМ на „ЕУ денот на туризмот“ во Брисел, исто така додаде дека од страна на Советот за регионална сорбаотка е ангажирана посебна маркетинг агенција, каде се следат коментарите на самите потрошувачи на социјалните мрежи и според тие коментари, токму оваа рута „Римска империја“ е најбарана и најпосетена во Македонија.
– Оваа рута е застапена во понудите на туристичките оператори во Македонија, но ние сепак нудиме и повеќе. Македонија учествува во уште еден проект од културниот туризам, а тоа е проектот „Виа Игнација“, односно патот што води од западниот дел на Македонија, на границата со Албанија и кој треба кај потрошувачите да предзивика интерес за да го посетат, додаде Пејоска Ристеска.
Сепак, извршната директорка на Стопанската комора за туризам на Македонија, вели дека ќе се залага преку Регионалниот совет за развој и останатите периоди од културно-историска гледна точка што имаат свои обележја на територијата на РМ да бидат застапени во рути како дел од туристичкиот производ во иднина, заедно со постарите, но и новите споменични обележја во македонските градови.
Како културен туризам, истиот самаостојно не може да се одржи и треба да биде во комбинација со останатите, посочи денеска претседателката на Комитетот за култура и едукација при Европскиот парламент, Силвија Коста, според која одржливоста на туризмот како сектор во иднина треба да се потпре на три столба: економија, социјала и екологија.
Главна порака на „ЕУ денот на туризмот“ во Брисел, каде присуствуваа и еврокомесарот за рибарство, околина и поморски прашања Кармелу Вела и еврокомесарката за внатрешен пазар, индустрија, претприемништво и мали и средни претприајтија Елжбиета Биенковска, беше дека туризмот е сектор на иднината, како во иновации, така и како сектор што ќе предизвика новитети и модернизирање во областа на инфраструктурата.