Очекуваме сите политички партии да водат кампања во рамките на законот, со почитување на сите мерки на претпазливост од КOVID-19. Изборниот процес е можност политичките актери, да ја потврдат и јасно да ја покажат својата посветеност на владеењето на правото и почитувањето на највисоките европски стандарди, вклучително и со избегнување на потпалувачки говор, лажни вести и дискриминација. Враќањето на целосното функционирање на собранието ќе и биде од корист на земјата да се подготви за пристапните преговори кои наскоро ќе ги отпочне и ќе и овозможи да продолжи да ги спроведува клучните реформи.
Ова се наведува во денеска објавената пишана заедничка изјава на Шефот на Делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар и на амбасадорите на земјите-членки.
-Го поздравуваме договорот за датум за избори постигнат помеѓу политичките партии. Ја признаваме улогата на Претседателот на земјата во олеснувањето на дијалогот меѓу партиите овозможувајќи и на земјата да го продолжи изборниот процес врз основа на консензус и да спроведе слободни, фер и кредибилни избори. Убедени сме дека граѓаните на Република Северна Македонија ќе ја покажат својата посветеност на парламентарната демократија остварувајќи го своето право на глас за насоката и приоритетите на земјата. Бидејќи Република Северна Македонија наскоро ќе ги отпочне пристапните преговори со Европската Унија, враќањето на целосното функционирање на собранието ќе и биде од корист на земјата и ќе и овозможи да продолжи да ги спроведува клучните реформи, како и да се подготви за преговори, се наведува во изјавата.
Како Европејци, се додава, сите заедно се соочуваме со последиците од кризата со КОВИД-19. Кризата не е завршена и почитувањето на сите мерки на претпазливост е сè уште од голема важност за сите нас.
-Го поздравуваме воведувањето протоколи и процедури кои им овозможуваат на граѓаните да ги остварат своите демократски права, истовремено осигурувајќи дека нивното здравје и безбедност се заштитени и ги охрабруваме оние што се одговорни за нивното спроведување, да ја добијат потребната обука и поддршка, наведуваат евродипломатите.
Во однос на Државната изборна комисија, се посочува дека таа во овој момент има посебни должности, кои мора да се извршуваат на независен и професионален начин во интерес на земјата и со поддршка од други државни институции. Во интерес на воспоставување меѓународно признавање на слободни и фер избори, во изјвата се поздравува и одлуката на ОБСЕ / ОДИХР да ги оцени изборите.
-Очекуваме сите политички партии да водат кампања во рамките на законот, со почитување на сите мерки на претпазливост од КOVID-19. Изборниот процес е можност политичките актери, од сите страни, да ја потврдат и јасно да ја покажат својата посветеност на владеењето на правото и почитувањето на највисоките европски стандарди, вклучително и со избегнување на потпалувачки говор, лажни вести и дискриминација, стои во изјавата.
Претствниците на ЕУ Делегацијата и на земјите членки на ЕУ, со укажување и на важноста на улогата на медиумите во изборниот процес.
-Ја признаваме важноста на слободни и независни медиуми за демократијата и ги охрабруваме да ја извршуваат својата важна улога, особено за време на изборите, професионално и совесно, обезбедувајќи им на граѓаните веродостојни информации за нивните одлуки во гласачката кутија, порачуваат во заедничката изјава на Шефот на Делегацијата на ЕУ и на амбасадорите на земјите-членки.