Ескобар: Од ВМРО-ДПМНЕ добивме уверување дека земјата ќе остане на европскиот пат

Од:

Очекуваме дека Северна Македонија ќе продолжи по европскиот пат, кажа заменик-помошникот секретар на САД во заминување и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, во онлајн интервју за Европскиот центар на Атлантскиот совет.

Ескобар, за време на разговорот за улогата на САД во услови на предизвици на Западен Балкан, беше прашан дали по победата на ВМРО-ДПМНЕ и зголемената загриженост за Договорот од Преспа, се` уште верува оти патот кон Европа ќе продолжи, како што изјави на денот на изборите, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.

– Да. Мислам дека Европа и САД многу јасно ја кажаа нашата позиција на претседателот по инаугурацијата дека целосно очекуваме оти Северна Македонија ќе продолжи по својот европски пат, ќе се посвети, ќе продолжи да биде посветена членка на НАТО, и верувајте ми, тие се посветена членка на НАТО. И добивме уверување од сите нивоа на партиското раководство на главната партија (ВМРО-ДПМНЕ) која победи на изборите, дека ќе останат посветени на европскиот пат, одговори Ескобар.

Toj рече дека всушност „постои сè поголем реализам дека нема друга алтернатива“.

– Така, мислам дека ќе видиме и се надевам дека ќе видиме тој пат да продолжи да биде главна политичка цел на новата влада, рече Ескобар.

Грција се закани дека ќе го поврзе напредокот на државата кон ЕУ со целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно со употребата на уставното име на земјата, откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова кажа Македонија, а не Северна Македонија, при заклетвата на инаугурацијата за претседател.

Кабинетот на Сиљановска-Давкова веднаш по инаугурацијата соопшти дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, „но во своите јавни настапи таа има право да користи Македонија како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела“.

За официјална Атина, потегот на Сиљановска е кршење на Договорот од Преспа.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, пак, се закани дека Грција нема да ги ратификува меморандумите кои произлегуваат од Преспанскиот договор, ако тој не се почитува од новата влада.

Стејт департментот, на прашање на Гласот на Америка на македонски дали САД ќе ја повикаат Грција да ги изгласа меморандумите, како што ја повикаа и Северна Македонија да го почитува договорот, соопшти дека „САД остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Северна Македонија“.

Oд прес-службата на Стејт департментот кажаа дека како што ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, САД ќе продолжат да ја истакнуваат важноста да се почитуваат „меѓународните договори и придобивките од полноправното членство во Европската Унија“.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Орце Ѓорѓиевски и мнозинството ќе го постават Скопје на нови, здрави темели, за чист и модерен главен град

ВМРО-ДПМНЕ: Нашите советници гласаа за сите одлуки предложени од Арсовска поврзани со Комунална хигиена

Арсовска: Кадрите на Мицкоски се надлежни за Комунална, тие се во Управниот одбор и во Советот на градот

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ би имале 52 пратеници а СДСМ 21, изгубија 140.000 гласови и попусто лажат со весели математики

ВМР0-ДПМНЕ: Ако утре има парламентарните избори, ќе освоиме над 60 пратеници, а СДСМ би била во некои изборни единици трета партија

ВМРО-ДПМНЕ: Освоивме 550 советнички места, повеќе за 82 од минатите локални избори, а СДС освои само 230 советника, што е помалку за 166