Експертска мисија на СЗО за поддршка на реформата на системот за подготвеност и одговор на јавно-здравствени вонредни ситуации во земјава

Од:

Да се обезбедат централизирани информации во реално време за дејствување, мониторинг, брзо известување, како и политички и стратешки насоки за одговор на јавно-здравствени настани и вонредни ситуации беше еден од идентификуваните приоритети од техничката мисија што експерти на СЗО ја спроведоа во земјава минатата недела од 18 до 25 октомври.

Според тоа, како што соопштија од канцеларијата на СЗО во Скопје, целта на оваа мисија беше да се воспостави оперативно планирање за обединување на целата епидемиолошка експертиза во земјата од Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје во една функционална усогласена мрежа и нудење дигитални и системски решенија за 10-те центри за јавно здравје и 21 подрачна единица во Северна Македонија за систем за рано предупредување за јавно-здравствени настани и интервенции.

Експертите го посетија Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во главниот град на земјата, Скопје, и десетте центри за јавно здравје, го оценија капацитетот и потребите на моменталните служби за јавно-здравствени вонредни ситуации и ги утврдија потребните организациски, просторни, човечки и материјални ресурси.

– По дводневната работилница за планирање, заедничкиот тим изработи детален оперативен план за подобрување на функционалноста на главниот центар за дејствување во услови на јавноздравствени вонредни ситуации (ЦДЈЗВС) и на Националната мрежа за јавно здравје во Северна Македонија, наведуваат во соопштението.

Министерот за здравство Венко Филипче нагласи дека треба да го надградиме и да го прошириме она што го имаме, како и дека мораме да се подготвиме за следната пандемија и заедно да ги ревидираме и зајакнеме нашите способности и структури.

– Постојат многу можности за проширување на националниот систем за собирање информации за јавното здравје, како за справување со моменталната пандемија на КОВИД-19, така и за идни вонредни ситуации во наредните години. Овој план за консолидирање на единствена национална мрежа на центри за дејствување во јавно-здравствени вонредни ситуации е првиот што се иницира во земјите од Западен Балкан, рече Филипче.

Претставникот на СЗО во земјава Џихане Тавилах истакна дека пандемијата имаше големо влијание врз сите аспекти на општеството во сите земји низ целиот свет – дури и во оние со најсофистицирани здравствени системи.

– Ова откри дека подготвеноста е еден од најважните аспекти за справување со сите видови здравствени закани и вонредни ситуации. Имајќи го ова предвид, помогнавме да се соберат национални и меѓународни експерти и технологија за зајакнување на способноста на земјата за откривање и за одговор на јавноздравствени вонредни ситуации, рече д-р Џихане Тавилах.

Во иднина, како што додаде, СЗО и партнерите ќе соработуваат за целосно операционализирање на Националната мрежа за јавно здравје и ќе бидат подобро подготвени за идни јавно-здравствени закани и вонредни ситуации.

Оваа активност беше овозможена со финансиска и техничка поддршка од Проектот за зајакнување на отпорноста на здравствените системи на Западниот Балкан, кој е финансиран од Европската Унија, и од Институтот Роберт Кох.

Експертите на СЗО ја спроведоа техничката мисија во Северна Македонија минатата недела (18-25 октомври 2021 година), како дел од тековната блиска соработка со националните здравствени власти, чија цел е зајакнување на подготвеноста и одговорот на јавно-здравствени вонредни ситуации, вклучително и контрола на КОВИД-19.

Експертите од канцеларијата на СЗО во земјата, Регионалната канцеларија за Европа, Балканскиот центар за вонредни ситуации на СЗО и Единицата за управување со кризи на Институтот Роберт Кох во Берлин соработуваа со епидемиолози и јавно-здравствени работници од Северна Македонија за да го поддржат Министерството за здравство во постигнувањето целосна функционалност на Националната мрежа на центри за дејствување во јавно-здравствени вонредни ситуации на целата територија на земјата.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

СЗО прогласи глобална вонредна состојба поради ширењето на вирусот мајмунска сипаница

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата