Државните ревизори откриле серија неправилности при ревизијата на сметката на Министерството за локална самоуправа во 2016 година, за што изразиле неповолно мислење. Дел од неправилностите се однесуваат за исплата на трошоци за репрезентации. Во 2016 година за оваа намена биле исплатени вкупно еден милион и 618 илјади денари. За дел од фактурите од 349 илјади денари нема фактури од јули 2015 до март 2016 година, а нема и сметки од кои може да се утврди за какви услуги станува збор.
Ревизијата откри дека ексминистерот од ДУИ, Лирим Шабани направил серија пропусти. „Преку виза картица која ја користи министерот, за трансакции за 12 месец 2015 година, и за 1, 2 и 3 месец во 2016, извршена е исплата на сметки од маркети и угостителски објекти за набавка на прехранбени артикли, пијалоци, средства за хигиена, изврешни угостителски услуги во вкупен износ од 158 илјади денари. Исплата на сметки и факутри без комплетна документаицја, создава ризик од ненаменско и незаконско користење на средствата“, пишува во наодите од ревизијата. За надминување на состојбите, бил донесен правилник во ноември 2016 година. Дополнително, ревизорите откриваат дека биле исплатени 628 илјади денари за горива и масла, само врз основа на приложени сметки за гориво, без налози за користење на патничките моторни возила за службени потреби, без податоци за целта на патувањето, како и податоци кој е корисник на возилото. Причина за ваквата состојба е непостоењето пишана процедура за користење на возилата.

Биле ангажирани и 6 лица со авторски договори во 2015 година. Во нив ревизорите наоѓаат дека нема јасни и прецизни дефинирани обврски и работни задачи на ангажираните лица, а немало ниту извештаи за завршените активности. Две од овие лица биле ангажирани на работни места, кои воопшто не се предвидени во Правилникот за систематизација на работните места во Министерството. Во наодите на ревизорите се посочуваат и мерки кои треба да ги направи Министерството за да ја подобри транспарентноста и законитоста во работењето.
В. Маглешов