Како што веќе објави А1он, Законот за лустрација наскоро ќе биде повлечен поради негативните оценки во извештајот на Венецијанската комисија.
Во Нацрт-одговорот Венецијанската Комисија оценува дека Законот за лустрација остава широки можности за политичка злоупотреба.
За ова се информирани и Брисел и Советот на Европа како и Европскиот парламент.
А1он ексклузивно дојде до оценката на Венецијанската комисија.
Најмногу забелешки има во решенијата на законот, но и во имплементацијата на одредбите и кршењето на пресумпцијата на невиност.
Доколку Уставниот суд го усвои мислењето во целост и ги укине сите проблематични членови, тогаш паѓа целиот процес на лустрација.
Воопшто не се замараат со прашањето дали треба да се лустрираат поранешни функционери, а досега тоа беше и единствениот предмет на лустрација кај нас.
Дознаваме дека после овој извештај од ноември, за кој Владата и македонскиот парламент веќе се информирани се доведува во прашање целиот досегашен процес на лустрацијата, но и легитимитетот на Комисијата за лустрација.
Ако воопшто може да се оправда лустрација која оди наназад дури 7 децении, таа треба да биде фокусирана на најтешки прекршители на човекови права, каде што има кривична одговорност, а не на „информатори“ , смета Венецијанската комисија.
„Лустрацијата по 1991 година е бессмислена, укажува Комисијата, таа се претворила во средство за политичка борба, таа е дискриминаторска и во Македонија нема владеење на правото додека се спроведува лустрација по 1991. Дискриминаторско е и отсуството на фиксен период за секоја лустрациска мерка“.
„Неприфатлива е секоја лустрација на приватни и полуприватни организации, политички партии, религиозни заедници и невладини организации“.
Според оценката, дефиницијата на соработка е конфузна и тешко разбирлива. Најбитно, и според Уставниот суд, мора да се исполнат кумулативни услови, меѓу кои, најзначајни се: соработка врз основа на потпишана согласност. Во ниту едно досегашно решение не е докажана (само се претпоставува) повреда на човековите права , а само во мал број случаи има документи со писмена согласност на лустрираното лице.
Венецијанската комисија смета дека Комисијата за лустрација нема истражни овластувања, туку дека истрагата за лустрација ја водат тајните служби и архивот, што значи, дека Комисијата за лустрација не може самата да бира и селектира релевантни материјали. И за Венецијанската комисија се мистерија процедуралните аспекти на процесот на верификација на факти.
Од страна на Венецијанската комисија констатирана е директна повреда на правото на одбрана (еднаквост на оружјата) и правото на пресумпција на невиност.
Ова значи дека сите досегашни случаи кои ќе стигнат во Стразбург, би требало да значи дека оштетените ќе го добијат процесот против Република Македонија, а тоа значи големи пенали за Македонија која ги прекршила овие права на сите досега лустрирани лица.
Тука се поставува прашањето за отштетата на сите лица чии имиња беа објавени во јавноста и кои немаа право да ги оспоруваат „фактите“ верификувани од лустрациското тело.