Ексдиректорот на тетовската болница еден од обвинетите за пожарот: Апсолутно не гледам вина кај мене

Од:

Ексдиректорот на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими ќе биде еден од обвинетите за кого истрагата покажала дека има одговорност за пожарот во модуларната болница, тврдат за „А1он“ извори од тетовското јавно обвинителство. Освен Бесими одговорност ќе се бара и од други две физички лица, кои исто така, имале раководни позиции. Според првичните информации, одговорност од раководните лица ќе биде побарана поради хиерархиската поставеност, односно обврската да водат грижа за воспоставување на правилата и нивно почитување во болницата. Обвинението се очекува да биде завршено и поднесено во текот на идната недела.

Бесими во изјава за „А1он“ вели дека нема информација дали ќе биде обвинет и за кое дело, по што посочи дека само знае дека предметот е уште во тетовското Обвинителство. Тој кажа дека жали што пожарот однесе 14 животи на пациенти кои се лекуваа од коронавирус,

„Апсолутно не гледам вина кај мене. Морална одговорност – да, бидејќи раководев во тоа време. Има документи, има аргументи, јас очекувам правдата да излезе на виделина и што побрзо да се обелодени. Значи, да знае јавноста, да знаат фамилиите. Тоа е трагичен случај, жалам за сите што починаа. Еден од најтешките случаеви. Сакам ако можеме, сите, и вие како медиуми, да придонесеме што побрзо да се обелодени кој е виновен, да ја понесе одговорноста“, вели Флорин Бесими за „А1он“

Прашан што доколку Обвинителството покрене обвинение за него, тој посочува: „Рано е да се мислам за тоа. Рано е“. Тој смета дека треба да се постапува само врз база на аргументи и докази.

„И тие (Обвинителството) нека ја вршат односно ја вршат својата работа, така што, како ќе одлучат тие, тоа е. Јас, секогаш, како сега, така и понатаму, ако бидам повикан, секогаш ќе се јавувам во суд. Сакам да биде се транспарентно, сите да знаат и слушаат. Сето тоа да биде транспарентно, секој да ја понесе својата одговорност, во случај да имам, да ја понесам одговорноста“, додава Бесими.

Ексдиректорот на тетовската болница, Бесими, не сакаше да коментира за причината поради која изби пожарот, односно за запалениот продолжен кабел. Тој посочи дека е тука за правосудните органи и сака што побрзо случајот да добие завршница и да се знаат виновниците.

„Додека не се заврши истрагата, додека не знам за што ќе бидам обвинет, ако бидам обвинет, би сакал тука да ме поштедите зошто сакам да оставам органите да ја вршат својата работа. Јас ќе бидам тука, што и како ќе треба од документи, да им доставам“, кажа Бесими за „А1он“.

Обвинението за пожарот во модуларната болница ќе биде поднесено осум месеци по трагедијата во Тетово. Досега е познато дека пожарот настанал по спој на струја во продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор со кој се реанимирал пациент.

„Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат“, посочија од Јавното обвинителство пред пет месеци.

Би можело да ве интересира

Трето рочиште за завршни зборови во судскиот процес за модуларната болница во Тетово

Катерина Ѓуровски

Електричната инсталација во модуларната во Тетово не била по прописите, ја инсталирале двајца вработени во болницата сведочеше вештак

Ана Ололовска

Продолжува судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово

Ана Ололовска

Се бара слобода за докторот обвинет за пожарот во модуларната болница, рочиштето одново се одложи

Кристијан Ландов

(ВИДЕО) Прво судење за изгорената болница: Едниот директор не дојде на судење, другиот не чувствува вина

Кристијан Ландов

Германците дадоа мислење како настанал пожарот во тетовската болница, извештајот се преведува

Кристијан Ландов