Нема да дозволиме да се додели концесија за детални геолошки истражувања врз изворите на река Матушница на планината Кожув изјавија еколошки здруженија.
– Нема да дозволиме концесија за рудник на локалитетот Матушница кој е директно врз изворите на Матушница која се влева во реката Дошница. Матушница е најчистата река на Кожуф и во предел прекриен со букова шума и ела, истакнаа Роберто Паризов од „Еко-живот” и Ангел Наков од „Спас за нас” откако деновиве Министерството за економија достави барање до Гевгелија и Кавадарци за мислење за издавање нова концесија за детални геолошки истражувања на планината Кожуф.
Уште во април тие барале референдумско изјаснување во Кавадарци по ова прашање, нагласи Паризов и изрази надеж дека новиот Совет на општината ќе расправа на оваа тема и ќе биде дадено негативно мислење.
– Оваа нова концесија е со површина од 2700-3000 хектари. Цел југоисток една година максимално се бори да остане чиста и здрава средина за земјоделство и туризам. За разлика од Гевгелија, која се изјасни против, Кавадарци не спроведе референдум и во оваа општина ова прашање не е доволно разбработено. Јавноста не е информирана, а тоа е законска обврска кога се работи за прашање за развој и одржување на животната средина. Затоа државните и општинските органи мора да изнајдат начин да ги информираат граѓаните, рече Наков.
Веќе се издадени две концесии за првични геолошки истражувања во Кавардарци за рудниците Алшар и Дудица со кои, според Наков, би се уништило Тиквешкото езеро и изворот Лукар и би влијаеле врз здравјето на луѓето.