Волонтерите од Кичево од 1.500 рециклирани пластични шишиња ја изградија Еко-зелената куќичка.
Куќичката во иднина ќе се користи за одгледување на цвеќиња и расад, за да се зголеми зеленилото и еколошката свест во Општина Кичево.
Во изградбата на Еко-зелената куќичка учествуваа 40 волонтери од повеќе младински невладини организации и од Извидничкиот одред „Мирко Милески”, на чија локација е сместена Еко-зелената куќичка.
Оваа волонтерска акција беше спроведена од страна на Центарот за истражување и развој на општеството ВИЗИО во соработка со Младинскиот образовен форум, и е во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.
Иницијативата е поттикната самоиницијативно од неформална група млади кои во својот град сакаат да започнат со внесување нови идеи за тоа како да ја подигнат јавната свест за практично и креативно искористување на јавните простори во заедницата.