Институциите се подготвени да се соочат со најавената дестабилизација на временските услови и заеднички, координарано да делуваат за справување со последиците, заклучи денеска Главниот штаб за заштита и спасување.
На состанокот што го свика директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Шабан Салиу беше истакнато дека треба да се преземат превентивни дејства: навремено информирање на населението за очекуваните промени во временските услови, апелирање да се почитуваат одредбите за управување со моторни возила во зимски услови и зголемување на подготвеноста на институциите да ги вклучат расположливите капацитети и средства.
– Препорачано е и да се дадат навремени упатства за движење на моторни возила на критични точки, а локалната самоуправа да ги стави во подготвеност своите сили и опрема, информира Дирекцијата.
На состанокот беа присутни претставници од министерствата за здравство, локална самоуправа, внатрешни работи и финансии, АРМ, Агенцијата за електронски комуникации, МЕПСО, ЕЛЕМ, ЕВН, УХМР, МТВ, Црвениот крст на Република Македонија, Федерацијата на планинарски спортови, Воено-медицинскиот центар и Агенцијата за храна и ветеринарство.