Двајцата обвинети за убиствата во Смиљковци ќе бидат екстрадирани

Од:

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, двајцата првоосомничени за убиството на четирите момчиња – Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Цветанчо Ацевски, и на Борче Стефановски, кај Смиљковско Езеро минатата година, ќе бидат екстрадирани од Косово штом заврши судскиот процес против нив за поседување оружје.

Ова, јави дописникот на МИА, го изјави Петрит Селими, косовскиот заменик министер за надворешни работи, на конференција во Вашингтон.

Демири и Исмаиловиќ во март беа уапсени на Косово, откако со месеци се сметаше дека се во бегство, но се уште не се екстрадирани поради тоа што имаат и косовско државјанство, а во меѓувреме Косово почнат друг судски спор против нив.

– Нема никаква сомнеж дека убијци, луѓе обвинети за ѕверски убиства, ќе бидат предадени и ќе платат за нивните злосторства. Се работи за техничко прашање, кое не би сакале да се политизира или да се каже дека Косово не сака да ги предаде овие луѓе. Косово само сака да го заврши процесот почнат во Косово, за поседување оружје, а потоа веднаш ќе ги испорача таму каде што треба да одговараат за други злосторства кои ги извршиле. Не се работи за политичко, за етничко прашање или за одбивање да се соработува, туку е техничко прашање на веќе почнат процес во Косово, иако ова второто злосторство е далеку посериозно од илегално поседување оружје, изјави Селими на прашањето на МИА за досегашното одбивање на Косово да ги екстрадира Демири и Исмаиловиќ во Македонија.

Во претходна, спротивна изјава, косовскиот министер за правда Хајредин Кучи рече дека двојното, македонско и косовско државјанство на Исмаиловиќ и Демири може да ги заштити од екстрадиција.

Сепак, заменик министерот за надворешни работи Селими подвлече дека екстрадицијата ќе се случи веднаш по судењето во Косово, а дотогаш косовската Влада не може да се меша во судскиот систем.

– Во Македонија петмина недолжни рибари беа убиени, по што беа обвинети пет Албанци од Македонија со исламска афилијација. Двајца од нив беа уапсени на Косово, но бидејќи беа уапсени со илегално оружје, пред барањето од Македонија се покрена процес пред судот во Косово. Не можеме да го откажеме овој судски процес затоа што тоа ќе значи мешање во судскиот систем, рече Селими.

Тој коментираше и за појавата на доброволци, етнички Албанци од Косово и од Македонија, кои се борат во Сирија на страната на бунтовничките групи против режимот на Башар ал Асад.

Селими подвлече дека косовската Влада ја поддржува американската политика кон Сирија, но не го поддржува заминувањето на Косовци да се борат таму од верски причини.

– Секако не го охрабруваме или поддржуваме кој било од Косово кој оди во Сирија. Сметаме дека таму веќе има доволно луѓе кои водат војна, без и ние да ги вплеткаме прстите. Но, секогаш ќе има поединци кои ќе одат да се борат за оваа или онаа кауза. Тоа секако не е организирано – зборуваме за поединци, а не за групи на луѓе, изјави Селими.

Претходно, американскиот Стејт департмент изрази сериозна загриженост поради досегашните десетина Косовци и тројца Македонци кои беа убиени во борбите во Сирија. Стејт департментот соопшти дека работи за владите на повеќе држави, вклучително и на Балканот, околу овие борци, а за спречување нивната насилна идеологија да се вкорени во Сирија или во земјите од кои доаѓаат.

Би можело да ве интересира

Осветен храмот на Смилковското Езеро

А1он

Дванаесет години од петкратното убиство кај Смилковско Eзеро

Врховниот суд донесе пресуда за случајот „Монструм“ со која жалбите на обвинетите се одбиваат како неосновани

Левица: Наместо да го екстрадира, Косово го ослободува Алил Демири за убиството на Смилковско Езеро

Единаесет години од петкратното убиство кај Смилковско езеро, двајца од осудените уште се во бегство

Катерина Ѓуровски

Апелација ги потврдени доживотните казни за масакрот кај Смиљковско Eзеро