Министерството за здравство соопшти дека се пријавени два нови случаи на морбили од страна на Институтот за јавно здравје.
Станува збор за дете на 6-месечна возраст, кое заради возраста сѐ уште не е вакцинирано и е во добра општа состојба. Вториот случај е маж на 40 годишна возраст кој е вакциниран со една доза на вакцина. Пациентот бил само амбулантски прегледан и пуштен на домашно лекување.
Од МЗ информираат дека за двата случаи не постои податок за епидемиолошка поврзаност, како и податок за контакт со заболен од морбили.
Исто така, спроведени се епидемиолошки иследувања на најблиските и контактите за евентуалната потреба од вакцинација со МРП вакцината.
Што се однесува до сезонскиот грип, од страна на Комисијата за заразни болести констатирано е дека грипот сѐ уште е со ниска активност. Во моментов се регистрирани 1.739 случаи на заболени од грип и, како што велат од МЗ, се очекува зголемување на активноста во следниот период.