Демократска Унија за Интеграција синоќа на состанок на највисокото раководство во Гостивар усвои преамбула и резолуција кои како што вели во нив се однесуваат на почитувањето на мнозинството на Охридскиот, Преспанскиот и на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Во продолжение интегралниот тект од преамбулата и резулуцијата кои ДУИ ги испрати до медиумите:
Преамбула
Свесни за историското и политичкото значење на Охридскиот Договор (ОД) како основен механизам за градење мир, стабилност и меѓуетничка хармонија во Северна Македонија;
Свесни дека ОД донесе консензуална демократија, која создаде институционална рамка што гарантира правична и еднаква застапеност за сите етнички заедници, обезбедувајќи одлуките да се носат врз основа на консензус и промовирајќи хармоничен соживот;
Истакнувајќи дека суштината на Охридскиот Договор е да се спречи доминацијата на мнозинството (мајоризација) и да се обезбеди сите етнички заедници да имаат еднаков глас во управувањето, промовирајќи вистинска мултиетничка и консензуална демократија;
Нагласувајќи дека принципот на двојно мнозинство (Бадентер), кој е основата на ОД, е клучен елемент кој гарантира правично и еднакво донесување одлуки, барајќи одлуките да бидат донесени со мнозинство гласови од двете најголеми заедници, македонската и албанската, обезбедувајќи двојна легитимност во одлучувањето;
Следејќи ги со загриженост обидите за понижување и маргинализација на албанската заедница со игнорирање на нивната волја во процесот на донесување одлуки; Следејќи ја со загриженост понижувачката позиција на таканаречените албански претставници во владата кои непоправливо им наштетуваат на постигнувањата на ОД; Реафирмирајќи ја нашата посветеност за заштита на правата и интересите на Албанците и на сите граѓани во Северна Македонија, кои значително придонеле за градење праведна и еднаква држава и општество;
Ние, членовите на раководните органи на Демократска Унија за Интеграција (ДУИ), собрани на овој Генерален Состанок, ги усвојуваме овие три резолуции:
Резолуција 1: ЛЕГИТИМИТЕТ
Ние, членовите на Генералниот Состанок на Демократската Унија за Интеграција:
Врз основа на политичките случувања при формирањето на владината коалиција, кои манифестираа непочитување на волјата на албанскиот суверен, Констатирајќи загрижувачка состојба создадена со непочитување на политичката волја на Албанците, како втора по големина заедница во земјата, оценуваме дека воведувањето на вакви практики ги поткопува достигнувањата за слобода и еднаквост во согласност со Охридскиот Договор;
Сметаме дека време е да се адресира загриженоста заснована на мајоризацијата на
најголемата албанска политичка сила во земјата и учеството во владата на албанска коалиција која не ја претставува волјата на албанското мнозинство;
Нагласуваме дека непочитувањето на политичката волја на Албанците ја оддалечува земјата и меѓуетничкиот соживот како вредност на нашето општество од нормите утврдени во согласност со ОД и го напаѓа принципот на двојно мнозинство кој произлегува од ОД, кој не е само формален правен инструмент, туку претставува гарантен инструмент за правична застапеност во владеењето, обезбедувајќи двете главни заедници во Република Северна Македонија, да владеат врз основа на изразената волја на изборите, а не на арбитрарност и мајоризација;
Сметаме дека соработката, толеранцијата и меѓуетничката хармонија остануваат вредности за кои треба да се залагаат сите политички актери без исклучок и без разлика на нивната етничка и идеолошка припадност, секогаш имајќи го предвид фактот дека гаранти на ОД биле релевантни чинители од меѓународната заедница – Европската Унија и САД, играјќи клучна улога во постигнувањето на меѓуетничката кохезија од моментот на потпишување на ОД до денес;
Констатираме дека легитимитетот произлегува од народот и само на народот, односно на суверенот, му припаѓа правото да ги избира своите претставници во владата, и секоја друга пракса или пример води и диктира пракси во кои народот – суверенот, се чувствува непочитуван, неслушнат и игнориран од власта, без оглед на изразувањето на политичката волја преку учество на избори на денот на гласањето;
Нагласуваме дека Албанците треба да продолжат со учество на избори, организирање во нивните политички партии со цел да ги избираат своите директни претставници, а не од страна на победничката партија во македонскиот политички кампус;
Потврдуваме дека легитимитетот подразбира согласност на народот за формирањето и функционирањето на државните органи;
Легитимитетот има тесни врски со начелата на правда и правичност, како и со идејата за заеднички живот во рамките на државата;
Во поширока смисла, легитимитетот има за цел воспоставување на функционален и хармоничен правен систем, со почитување на правата и слободите на човекот и граѓанинот, како и со почитување на надлежностите на државните органи. Оттука, легитимитетот е инкомпатибилен со анархијата, несигурноста и арбитрарноста на државните органи или на одредени индивидуи;
Изразуваме загриженост дека непочитувањето на легитимитетот на Албанците ќе ја намали до укинување потребата од политичко организирање на Албанците во Република Северна Македонија, враќајќи нè назад во ситуации кои историјата ги одбележала како периоди на презир и кршење на правата на Албанците и секој обид за враќање назад ќе биде неприфатлив и оспорен од нас;
Повторно ја нагласуваме потребата од проактивен пристап на главните меѓународни сили, кои го гарантираа мирот со поддршката на Охридскиот Договор и нагласуваме дека еден од главните постулати кои произлегуваат од Охридскиот Договор е токму заштитата од мајоризација, која се поткопува преку дозволување и овозможување на учество во владата на коалицијата која не победила и која не ја одразува политичката волја на Албанците во Република Северна Македонија и како таква ја претвара владата во влада без етнички легитимитет;
Сметаме дека во демократските земји, власта може да се добие на неколку начини, но авторитетот на на власта може да се добие само на еден начин – од народот на избори; Повторно нагласуваме дека политичката волја на Албанците изразена на избори не е почитувана и ова непочитување има тенденција да го уништи концептот на еднаквост создаден низ годините;
Ова непочитување има тенденција да ја уништи политичката волја и политичките партии на Албанците;
Ова непочитување може да има несакани последици врз досегашните напори и постигнувања во меѓуетничките односи, секогаш во согласност со ОД и неговите главни гаранти;
Ова непочитување наликува на недемократските пракси применети за време на режимите од минатото во поранешна Југославија, во кои претставниците на народот во државните органи се назначуваа на арбитрарен начин.
Резолуција 2:
Резолуција за неопходноста од спроведување на Охридскиот Договор, Преспанскиот Договор и Договорот за Добрососедство, заедно со уставните измени: Свесни за длабокото значење на договорите за обезбедување на мирот, стабилноста и интеграцијата на Северна Македонија, Препознавајќи ја улогата на Охридскиот Договор во градењето на мултиетничка и
консензуална демократија, Нагласувајќи ја важноста на Преспанскиот Договор со Грција, кој овозможи решавање на прашањето за името и го отвори патот за членство на Северна Македонија во НАТО и интеграција во Европската Унија, Ценувајќи го Договорот за добрососедство со Бугарија, кој промовира добрососедски односи, соработка и меѓусебно разбирање, и го отвора патот за целосно членство на земјата во Европската Унија,
Ние, членовите на Демократската Унија за Интеграција (ДУИ), собрани на овој Генерален Состанок, ја усвојуваме оваа: Резолуција за неопходноста од спроведување на Охридскиот Договор, Преспанскиот Договор и Договорот за Добрососедство, заедно со уставните измени:
Нагласуваме дека Охридскиот Договор (ОД) е основа за градење на мир и меѓуетничка хармонија во Северна Македонија, обезбедувајќи им на сите етнички заедници да имаат еднаков глас во владеењето и одлучувањето.
Нагласуваме дека Преспанскиот Договор со Грција отвори ново поглавје во меѓународните односи на Северна Македонија, обезбедувајќи стабилност и евроатлантска перспектива за нашата земја. Цениме дека Договорот за добрососедство со Бугарија е важен чекор кон градење добрососедски односи, промовирајќи соработка и меѓусебно разбирање и европска
перспектива за земјата.
Повторно ја нагласуваме потребата од почитување на уставните измени по Преспанскиот Договор и потребата од продолжување на постапката за уставни измени со цел отворање на кластерите/поглавјата со Европската Унија за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ.
Нагласуваме дека е неопходно целосно и континуирано спроведување на Охридскиот Договор, обезбедувајќи неговите принципи да бидат водилка во градењето на праведна и еднаква држава и општество за сите граѓани на Северна Македонија.
Нагласуваме дека е неопходно целосно спроведување на Преспанскиот Договор заедно со уставните измени, почитувајќи ги и исполнувајќи ги сите превземени обврски, за да се обезбеди регионална стабилност и евроатлантска интеграција на земјата. Се обврзуваме да го спроведеме Договорот за добрососедство со Бугарија, градејќи цврсти и стабилни односи со Бугарија, засновани на меѓусебна почит и плодна соработка.
Бараме од државните институции на Северна Македонија да се ангажираат за целосно и континуирано спроведување на овие три меѓународни договори, обезбедувајќи тие да бидат целосно и ефикасно исполнети, заедно со уставните измени;
Ги повикуваме Меѓународната Заедница и релевантните институции да ја поддржат Северна Македонија во спроведувањето на овие договори, давајќи потребна помош и надзор за да се обезбеди нивното целосно исполнување.
Се обврзуваме да ги преземеме сите неопходни мерки за промовирање и поддршка на спроведувањето на овие договори, обезбедувајќи придобивките од нив да бидат конкретни за сите граѓани на Северна Македонија.
Затоа, Денес, ја усвојуваме оваа Резолуција, на ова историско собрание на Демократската Унија за Интеграција, потврдувајќи ја нашата посветеност за целосно спроведување на Охридскиот Договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија заедно со уставните измени, за обезбедување мир, стабилност и европска интеграција за Северна Македонија.