Демократската унија за интеграција оценува дека претстојните локални избори не се само натпревар за управување со општините, туку се политички референдум за стратешката иднина на државата и за нејзината ориентација кон европското семејство, се наведува во партиското соопштение.
Денес, повеќе од кога било, јасно е дека битката за општините е битка за државата. Последниот извештај усвоен од Европскиот парламент, со огромно мнозинство од 461 европратеници од сите политички групации, официјално потврдува дека Северна Македонија сè повеќе се изложува на дестабилизирачки влијанија од Србија и Русија – дел од геополитичкиот проект познат како „Српски свет“.
Ова е сериозен аларм за сите граѓани кои веруваат во евроатлантските вредности и во демократската иднина на државата. Веќе не станува збор за партиски став или политичка реторика, станува збор за реалност потврдена од нашите европски партнери.
Дополнително, во овој период на владеење без етнички легитимитет, државата влезе во опасен циклус на институционален регрес и влошување на меѓуетничките односи. Меѓуетничките односи се сериозно нарушени, се врати политичката мајоризациза, се укина правичната застапеност, се прекршуваат колективните права на Албанците, а дискриминацијата во државните институции е продлабочена. Оваа состојба не е само чекор назад, туку сериозна закана за уставниот поредок, соживотот меѓу заедниците и европските вредности.
Затоа, ДУИ бара итно покренување на институционална истрага и свикување итна расправа во Собранието на Северна Македонија, со цел темелно разгледување на оваа опасност што го загрозува европскиот курс на државата.
Како водечка проевропска политичка сила, ДУИ останува цврсто посветена на одбраната на демократијата, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Овие локални избори се моментот кога се одлучува не само за улиците и училиштата во општините, туку и за патот по кој ќе тргне самата држава: патот кон Европа или патот кон мрачен и опасен источен правец. Секој глас на овие избори е глас за ориентацијата и иднината на државата, велат од партијата.