Оневозможувањето полагање на правосудниот испит на албански јазик повеќе не е административно прашање. Ова веќе претставува пречка во спроведувањето на законот и отвора основа за кривична одговорност. Правосудниот испит е во директна надлежност на Министерството за правда. Непреземањето мерки за обезбедување полагање на испитот и на албански јазик претставува свесно непостапување по законската обврска, се вели во соопштението од ДУИ.
– Со тоа се создава основ за одговорност за:- злоупотреба на службената положба и овластувањето, несовесно вршење на службената должност кога службено лице, со пропуст или одбивање, им го скратува законско загарантираното право на граѓаните.
Дополнително, ограничувањето на употребата на албанскиот јазик во државна постапка претставува повреда на правото на употреба на јазикот, а јавното релативизирање на тоа право создава атмосфера на исклучување и содржи елементи на поттикнување нетолеранција на меѓуетничка основа, што е санкционирано со Кривичниот законик.
Затоа, денес, бараме: Инспекторатот за употреба на јазиците веднаш да спроведе инспекциски надзор за правосудниот испит и да поведе постапки за прекршок против Министерството за правда и одговорните лица.
Јавното обвинителство да утврди дали постојат елементи за кривично гонење за злоупотреба на службена положба, непостапување по службена должност и поттикнување нетолеранција. Министерот за правда да сноси лична одговорност за секое дејство или пропуст со кој се попречува спроведувањето на законот. Законот е јасен. Неговата примена не е избор. Секое попречување има правни последици, велат од ДУИ.
