Демократската унија за интеграција денеска ќе одбележи 11 години од своето постоење со свечената седница на Централното претседателство на која претседателот Али Ахмети ќе има краток осврт за главните цели и постигнувањата на партијата во изминатите 11 години.
Генералниот секретар на партијата, Абдулаќим Адеми во куса изјава за медиумите информира дека со оглед оти не станува збор за јубилејна година од формирањето на партијата нема да има друга поголема манифестација.
– Од своето формирање во 2002 година за ДУИ има три главни столбови за дејствување – спроведување на Охридскиот рамковен договор, интеграција на Албанците во државните институции и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. Наша оценка е дека и за трите цели имаме постигнато многу позитивни работи. Истовремено, голем придонес сме дале и во повеќе други области и проекти од интерес како на Албанците така и на државата, меѓу кои се легализацијата на државниот Универзитет во Тетово, отпочнувањето на процесот на децентрализација на локално ниво, културата и слично, рече Адеми.
Тој потсети дека во 2005 година кога ДУИ беше на власт Македонија го доби статусот земја кандидат за зачленување во ЕУ, а и во 2009 година, кога исто така беше на власт, земјата ја доби визната либерализација.
– Иако, генералната оценка е дека многу од целите се постигнати, има уште напорна работа пред нас бидејќи критериумите и за живот и за политичко дејствување постојано се менуваат и ние мора да се прилагодиме на нив, оценува Адеми.
Според него, целосната реализација на зацртаните цели – спроведување на Охридскиот договор, економскиот развој, децентрализација на државата, интеграција во ЕУ и НАТО ќе имаат позитивен исчекор и на планот на меѓуетничките односи и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.