ДУИ одбележа 23 години од основањето, Ахмети побара предвремени парламентарни заедно со локалните избори

Од:

Предвремени парламентарни избори заедно со локалните побара лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети вечерва на централен настан во Чаир по повод 23 години од основањето на партијата.

– Политичките партии во Европскиот фронт се координираат, во комуникација сме со сите конструктивни политички сили во земјава и мислиме дека на локалните избори ќе бидеме силен фронт за да владееме успешно со општините, но воедно сме силно определени заедно со локални да имаме предвремени парламентарни избори. Тоа го бараме зашто тоа е спас за сите нас и за одржлива стабилност, истакна Ахмети.

Како што рече, во 23-те години постоење, во 18 изборни циклуси ДУИ била без пораз, што потврдува, рече, дека партијата е основана на цврсти темели. Во фокусот им биле правата на Албанците почнувајќи од легализацијата на Тетовскиот универзитет до правична застапеност на Албанците во сите области и институции.

– За опонентите станавме опасност со нашата професионалност и подготвеност и една од пречките за актуелните политичари е тоа што од нас се плашат. Не држи тоа што го велат дека ДУИ е корумпирана… Ајде да направиме ветинг, зошто се плашите од ветинг, ајде да отвориме истрага за потеклото на имотот на сите политичари, за приватизацијата како се случи во нашата држава од 1991 до 2001. Не велам да почнеме од Христијан, туку да почнат од мене, рече Ахмети.

Нагласи дека ДУИ не бара ништо повеќе од тоа да се воспостават европски стандарди, бара правда и сака стабилност во целиот регион. Покрај тоа што им е погазен легитимитетот, рече Ахмети, врз ДУИ „се врши политички прогон поврзан со судски процеси“.

– Можат да лажат и да замајуваат тие што не знаат и немаат искуство, но не и ДУИ. Сите процеси се политички, поврзани со министри и со прогон на градоначалниците за да ги исплашат со намера тие да се откажат од политиката и програмските определби на ДУИ, Но, им велам – залудно ви е зашто кадарот на ДУИ не се плаши од уцени и притисок, но тоа не е добро за политиката во нашата земја, рече Ахмети на собирот.

Ги критикуваше противниците од Вреди затоа што во ова нивно време се случува, рече, отстранување на Албанците од институциите и неправилности при вработување.

– Вака не се градат одржливи односи меѓу заедниците. Затоа, добро е да размислат и да се откажат од ваквиот пристап. Добро е да го следат примерот на Арбен Таравари. Кога тој виде како е деградирано албанското прашање и дека сакаат да го закопаат Охридскиот мировен договор, тој ги напушти и добро направи. Добро би направиле и тие што се сега таму. И тие да не бидат дел од овој црн дел од историјата против Албанците во Северна Македонија, рече Ахмети, додавајќи притоа дека нивни опонент е ВМРО-ДПМНЕ, а „не овие нашиве“.

Порача дека на земјата и е потребно зближување и координирање на политиките зашто таа е земја на сите етнички заедници што живеат во неа.

– Меѓуетничките односи се алфа и омега за мир, стабилност и просперитет на оваа држава, порача лидерот на ДУИ Ахмети.

Би можело да ве интересира

ДУИ: Изградбата на над 150 дивоградби во Чаир не е само урбан криминал, туку и политички притисок врз челниците на партиите миленици на Мицкоски

На следните парламентарни избори ДУИ ќе предложи отворени листи

Катерина Ѓуровски

ДУИ: Организиран проект од проруски и прокинески центри за да се запре процесот на интеграција на Балканот

ДУИ: Злото што ја попречува иднината на Чаир ќе биде отстрането

ДУИ: Касами незаконски дели книги од големиот автор Исмаил Кадаре

ДУИ: Во последните две години во Чаир се изградени над 150 бесправни објекти