Секој ден излегуваат нови докази кои потврдуваат дека истрагата за трагедијата во Кочани е политички воден процес, а не професионален или уште помалку независен процес. Она што јавно ни се демонстрира воопшто не е истрага, туку фарса во насока на добро организирана одбрана на вистинските виновници, вели пратеничката на ДУИ Арта Билали Зендели.
– Одредени професионалци во рамките на полицијата од Кочани не можеле да премолчат пред очигледните злоупотреби и подготвувале и испраќале таканаречени проблемски информации за состојбите во објектот ПУЛС. Овие документи се најголемиот проблем на Власта и нејзините полициски структури, затоа што овие дописи не можат да се игнорираат. Токму затоа полициските структури, помогнати од Власта, деноноќно работат на исполнување на нивниот монструозен план за префрлање на вината било каде, само не во сопствените редови. Она што е јасно е дека преку овие архивирани дописи сите во полициската команда знаеле за малолетници што се забавувале по полноќ, за постојаните тепачки, за редовната дистрибуција на дрога, за безбедносните прекршоци, за очајните услови во кои работел објектот, па дури и за хаосот со паркирањето. Знаеле командирите во Кочани, началниците во Штип, раководителите во Бирото за јавна безбедност. Наместо да преземат мерки, полицијата во март 2023 издала документи што му помогнале на газдата на ПУЛС да добие лиценца. Наместо да го затворат објектот, тие му дале легален штит. Повеќе од тоа, објектот работел цела година без никаква лиценца, а сите институции знаеле за тоа. И не само што не реагирале, туку дозволиле реновирање, организирање на забави, а Управата за јавни приходи (УЈП) побарала била спречена да го затвори објектот. И сега, после трагедијата, истите тие лица кои ги водат истите институции ја водат и истрагата, во која имаат основна задача да се заштитат самите себе, рече Зендели.
ДУИ бара:
• Итна суспензија на целата командна структура по вертикала во МВР и Бирото за јавна безбедност, кои знаеле за проблемите со ПУЛС, а не реагирале.
• Независна истрага, надвор од рацете на оние што ја овозможиле оваа трагедија, со цел да се утврди под чија заштита му е обезбедено на објектот ПУЛС да работи.
• Отворање нов процес против сите оние кои активно работат на прикривање на вистината и креирање монструозни случаи како алиби за вистинските виновници.