Денес одбележуваме 25 години од потпишувањето на Охридскиот мировен договор, јубилеј кој претставува една од најзначајните пресвртници во современата историја на Северна Македонија. На 13 август 2001 година, со поддршка и гаранции од Соединетите Американски Држави, Европската Унија и НАТО, земјата го избра патот на мирот, еднаквоста и градењето општество во кое државата им припаѓа подеднакво на сите нејзини граѓани, велат од ДУИ.
– Охридскиот договор воспостави нова уставна, правна и политичка архитектура на државата, заснована врз еднаквост, правична и соодветна застапеност, почитување на јазикот и идентитетот, децентрализација, консензуално одлучување и учество на сите заедници во институциите на земјата.
Охридскиот мировен договор не беше само темел на мирот и внатрешната еднаквост, туку и основен предуслов за остварување на стратешките определби на Северна Македонија. Благодарение на стабилноста и новиот политички поредок што ги создаде, земјата ја оствари едната од своите две големи стратешки цели – членството во НАТО. И втората определба, членството во Европската Унија, е неразделно поврзана со почитувањето на духот и целосното спроведување на Договорот. Патот кон Брисел минува низ Охрид, бидејќи не може да има европска иднина без еднаквост, функционална демократија, стабилни меѓуетнички односи и почитување на договорите врз кои е изграден стабилитетот на земјата.
Но, токму на нејзиниот 25-годишен јубилеј, наместо овие принципи дополнително да се консолидираат, се соочуваме со загрижувачки процес на нивно постепено укинување. Од една страна, Уставниот суд, кој сè повеќе се претвора во параполитичка институција, преку своите неуставни одлуки ги урива важните столбови на поредокот воспоставен по 2001 година. Од друга страна, она што сè уште не е укинато и продолжува да биде во сила, се игнорира или не се спроведува од страна на институциите. Правичната и соодветната застапеност беше погодена со укинувањето на механизмите што ја гарантираа етничката застапеност; употребата на албанскиот јазик е ставена под удар, а важечките законски одредби не се спроведуваат; политичкиот легитимитет на Албанците беше потценет; пресметувањето на вкупното население не ја одразува реалноста на пописот од 2021 година; додека имињата на улиците и плоштадите, утврдени пред повеќе од две децении како израз на мултиетничката реалност на земјата, се укинуваат и се прават обиди да се заменат со имиња од периодот на монопартизмот, кои не му оддаваат чест ниту на една заедница, ниту на демократската иднина на земјата.
Ова не се изолирани случаи, ниту пак технички прашања. Земени заедно, тие создаваат опасен модел на враќање назад. Кога еден столб се урива со судска одлука, друг се игнорира од извршната власт, а трет се релативизира политички, тогаш се доведува во прашање самиот баланс врз кој се изградија мирот и стабилноста на земјата. Охридскиот договор не може да се прифаќа селективно: да се почитува таму каде што му одговара на власта, а да се заобиколува таму каде што ја гарантира еднаквоста. Таквиот пристап претставува сериозен ризик за општествената кохезија, меѓуетничките односи и долгорочната стабилност на Северна Македонија.
Демократската унија за интеграција беше носител на процесот на претворање на Охридскиот договор од мировен документ во уставна, правна и институционална реалност. За нас, овој јубилеј не е само можност да се потсетиме на постигнатото, туку момент да го кренеме гласот за она што денес е загрозено. Ниту еден чекор назад од еднаквоста, ниту еден компромис со стекнатите права и ниту молк пред обидите за нивно укинување.
Охридскиот мировен договор докажа дека Северна Македонија оди напред само кога заедниците не владеат едни над други, туку управуваат заедно; кога разликите не се гледаат како закана, туку се почитуваат како вредности; и кога легитимитетот, еднаквоста и консензусот се темел на одлучувањето. Секој обид земјата да се врати во логиката на надгласување, доминација и маргинализација не е само враќање пред 2001 година, туку загрозување на самата формула што успеа да го зачува мирот за цел четврт век.
На овој 25-годишен јубилеј, ја почитуваме жртвата и придонесот на сите оние кои го овозможија мирот и институционализацијата на еднаквоста. Истовремено, упатуваме повик до институциите на земјата, политичките сили и нашите меѓународни партнери да не дозволат деградација на договорот што донесе мир, стабилност и евроатлантска перспектива на земјата.
Пред четвртина век беше запрен судирот и беа поставени темелите на еднаква држава. Денес наша историска задача е да не дозволиме овие темели да се уриваат, еден по еден. Охридскиот договор не е затворено поглавје од историјата. Тој е темелот врз кој стојат стабилноста, еднаквоста и европската иднина на Северна Македонија, тврдатр од партијата.
