Демократскиот сојуз ги повика сите лидери на политички партии на разумно и одговорно однесување, се со цел да се организираат фер и демократски избори, бидејќи, како што истакнуваат од партијата, само избори со европски стандарди се гаранција за отворање на перспективите за ЕУ и НАТО.
– Република Македонија се соочува со сериозни предизвици, поради што Демократскиот сојуз, смета дека, приоритет на сите партии треба да бидат евро интеграциските процеси, владеење на правото, економскиот развој, националната безбедност, состојбите со медиумите и борбата против организираниот криминал и корупцијата, било заклучено на денешната седница на Централниот одбор на партијата.
На седницата се расправало и за актуелните политички состојби, при што за надминување на политичката криза, Демократскиот сојуз предлага одржување на лидерска средба во поширок состав на која ќе разговара и изгради консензус за формирање парламентарна анкетна комисија која ќе ги расветли сите аспекти сврзани со настаните на 24. декември, враќање на сите пратеници во Парламентот, учество на локалните избори како и за потребата од одржување на предвремени парламентарни избори.
Дефинирани биле и приоритетните задачи за претстојните локални избори, а донесена е и одлука да се продолжат разговорите со ВМРО-ДПМНЕ за заеднички настап на претстојните локални избори на локално ниво.