„Демократскиот сојуз очекува Преодната Влада да биде во функција на смирување на политичката криза и создавање предуслови за рамноправен политички натпревар, презентација на политичките програми и слободно изјаснување на граѓаните на денот на изборите.
Демократскиот сојуз смета дека врвен приоритет на Преодната Влада треба да биде стабилноста на државата, градење на консензус и единство за националните и државните интереси, одржлив економски развој, владеење на правото и нормално функционирање на сите институции, како и целосна департизација и деполитизација на државните институции.
Кризата предолго трае и генераторите на кризата мора да се повлечат и да отворат можност за доследно спроведување на принципот на одговорност на сите нивоа.
Македонија не смее и натаму да биде во заложништво на личните интереси и интересите на четирите партии, кои државата ја вовлекоа во длабока криза, предизвикаа поделби меѓу граѓаните, неизвесност и несигурност за иднината и перспективите на државата, како и блокада на евро-интеграциските процеси.
Демократскиот сојуз очекува Министерството за внатрешни работи во соработка со Специјалниот јавен обвинител, да работи непристрасно и неселективно во расчистување на аферата „ Пуч“, односно аферата незаконито прислушување, како и сознанијата кои произлегуваат од содржината на прислушуваните разговори“, се вели во соопштението на ДС.