Демократскиот сојуз предлага да се повлече примената на Правилникот за ставање во промет генетски модифицирана храна за животни, бидејќи помеѓу експертите сé уште нема усогласен став за нејзината употреба, како и за штетното влијание врз животните и луѓето.
Сите општини, повикува ДС, да донесат одлуки со кои ќе забранат производство на нивните подрачја на генетски модифицирана храна. Во денешното соопштение ДС ги поздравува општините Велес, Охрид, Чашка, Могила, Валандово и Василево, кои се прогласија за ГМО „слободни“, со што на нивната територија нема да може да се произведува и користи храна настаната од генетски модифицирани организми.
Партијата смета дека во услови на енормни загадувања на Скопје, Кавадарци, Неготино, Битола, треба да се зајакнат еколошките капацитети, а компаниите да ги исполнат обврските согласно оперативниот план за целосна примена на еколошките стандарди. Последните анализи, се посочува во соопштението, покажуваат дека зголемени се канцерогените и белодробните заболувања, што ја наметнува потребата, сите институции, но и компаниите да водат сметка за примена на стандардите за заштита на средината во која живееме.