Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска изјави дека државна матура ќе има и оти таа е законска обврска. Државната матура не е само за комплетирање на средното образование, туку и за запишување на домашните факултети и продолжување на образованието надвор од државата, рече Царовска. Таа потенцира дека учениците коиш лани сакале да се запишат надвор од државата, не можеле тоа да го сторат оти немале положен матурски испит.
– Матурата е задолжителна и тоа не само во нашата држава, туку и во земјите во регионот и во развиените европски земји. Ние сме целосно подготвени матурата да се спроведе на соодветен и безбеден начин со концепцијата којашто е донесена и усогласена со формалните здруженија на средношколци и матуранти коишто беа на состанок во Министерството. Тогаш утврдивме дека наредната година треба да ја менуваме концепцијата и на тоа забрзано работиме. И оваа година воведовме свежина и нови новини коишто беа предложени заеднички со учениците и токму затоа на тој начин ќе ја спроведеме и оваа година матурата, истакна министерката Царовска.
Таа потенцира дека прашањата се поедноставени согласно условите во коишто треба да се изведе оваа матура.
– Важно е да бидеме дел од развиените држави оти минатата година ние бевме негативен исклучок по тоа што не можевме да спроведеме или не се оствари матурата. Тоа направи огромни проблеми за учениците коишто требаше да се запишат и во високото образование во нашата држава, но исто така уште повеќе ја искомплицира работата за учениците коишто требаше да се запишат надвор од државата, рече Царовска.
Додаде дека голем дел од учениците не успеале да аплицираат надвор од државата заради тоа што немале положен матурски испит.
– Секаде во развиените земји за заокружување на средното образование потребно е да имате положен матурски испит заради тоа што е одредена квалитација на знаењата коишто сте ги стекнале во периодот на четиригодишното средно образование, рече Царовска.