Воведување кофинансирање на приватна специјализација за здравствени работници кои не се вработени во јавна здравствена установа, програма за кoфинансирање на специјализација по педијатрија, гинекологија и акушерство, воведување два нови вида специјализации, подобрување на статусот на младите специјализанти и млади лекари, и избраниот лекар или нововработениот лекар да може да укажува здравствена заштита без учество на медицинска сестра во тимот додека да достигне број од 700 матични пациенти, по што е должен да го комплетира тимот.
Ова се неколкуте мерки опфатени во Законот за здравствена заштита кој го усвои Владата на предлог на Министерството за здравство. Мерките денеска на јавната расправа на тема „Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита“, која се одржа во рамки на седницата на собраниската Комисија за здравство, ги образложи претставникот на Министерството за здравство, Taтјана Васиќ Бозаџиева. Посочи дека со најновите измени на Законот за здравствена заштита се предлага крупна реформа на здравствениот систем во делот на специјализациите и положбата на младите лекари.
Во врска со мерката кофинансирање на приватна специјализација за здравствени работници кои не се вработени во ЈЗУ, појасни дека тоа ќе значи дека дел од надоместокот за овие специјализации ќе го покрива државата.
– Владата ќе носи програма за кофинансирање на специјализации и супспецијализации со која ќе се определува бројот и видот на кофинансираните приватни специјализации за секоја ЈЗУ посебно. Здравствените работници кои не се вработени во ЈЗУ ќе можат да се пријават на јавен оглас за запишување на кофинансирана приватна специјализација односно супспецијализација за која дел од надоместокот ќе го покријат самите, а дел државата, рече Васиќ Бозаџиева.
Нагласи дека со Програмата за кoфинансирање на специјализација, по педијатрија и гинекологија и акушерство е предвидено докторите на медицина кои навреме ќе ја завршат специјализацијата, имаат гарантирано склучување договор со ФЗОМ за избран лекар педијатар, односно гинеколог со гарантиран месечен надоместок и за нив капитацијата ќе се пресметува стимулативно во вредност од 1.000 поени на месечно ниво, што претставува околу 1,8 милиони декари за период од 36 месеци по човек односно во просек по 50.000 денари месечно.
Во врска со воведувањето два нови вида на специјализации и тоа по вонболничка ургентна медицина и вонболничка педијатрија Васиќ Бозаџиева рече дека тие се одликуваат со неколку заеднички карактеристики и тоа: нивното траење од 36 месеци е со цел за пократок период да се создаде специјалистички кадар, „право на проодност“ како право да ја продолжат специјализацијата со спроведување на сите турнуси предвидени со специјализацијата по ургентна медицина (која трае 60 месеци) и вонболничка педијатрија (која трае 60 месеци) односно педијатрија (која трае 72 месеци) и нивно финансирање пред посебни програми.
– Предвидовме законска обврска на здравствената установа во која се спроведува турнус да обезбеди една или повеќе простории за потребите на специјализантите и супспецијализантите во кои се обезбедени услови за одмор и сместување на нивните лични работи, истакна Васиќ Бозаџиева, образложувајќи ја мерката за подобрување на статусот на младите специјализанти и млади лекари.
Со измените на овој закон, потенцира таа, превидуваме можност за преземање на медицински сестри, медицински техничари и радиолошки технолози од приватно во јавно здравство. Укажувајќи на уште една новина нагласи дека предвидуваат докторите кои завршиле специјализација до денот на влегување во сила на Законот, да имаат право да се запишат на супспецијализација и да го полагаат супспецијалистичкиот испит согласно прописите според кои ја завршиле специјализацијата.
– На овој начин ќе овозможиме околу 350 специјалисти (од кои најголем дел вработени во ЈЗУ) веднаш да запишат супспецијализација и да го продолжат во континуитет своето професионално усовршување со што овомзожуваме континуирано надополнување на супспецијалистичкиот кадар, истакна Васиќ Бозаџиева.
Ја образложи и новината според која, за специјализациите што траат до пет години, сега специјализантот ќе треба да работи во установата најмалку пет години по завршувањето на специјализацијата (за разлика од претходно кога требаше да одработи 10 години, а за супспецијализациите што траат до две години, исто така супспецијализантот треба да работи во установата најмалку пет години по завршување на супспецијализацијата.
– За специјализациите што траат над пет години, специјализантот сега ќе треба да работи во установата најмалку 10 години, а за супспецијализациите што траат над две години, супспецијализантот треба да работи во установата најмалку седум години (за разлика од претходно кога стариот закон предвидуваше да се одработат 15 години). Тоа значи дека за половина е скратено времето кое специјализантите или супспецијализантите се обврзани да го одработат во ЈЗУ, рече Васиќ Бозаџиева и појасни дека со најновите измени, на половина е намален предвидениот десеткратен износ кој требало да се плати ако докторите порано ја напуштат установата (пред истекот на годините кои се обврзани да ги работат во неа).
Посочи дека дополнителната дејност повеќе не се ограничува на само осум часа неделно туку се ограничува според бројот на интервенции, дијагностички постапки, односно специјалистичко-консултативни услуги на следниот начин: тимот има право во текот на еден месец да изврши најмногу 10 интервенции, секој работен дел по 17 часот и/или во сабота и/или во недела; да спроведе најмногу 10 дијагностички постапки во сабота и/или недела и да изврши најмногу 10 специјалистичко-консултативни услуги во сабота и/или недела.
Таа додаде дека новина се и значајните измени во делот на регулирање на дејноста оптометрија, која е дефинирана како „одредување и коригирање на рефракциони аномалии со очила и контактни леќи и во врска со тоа препишување на очила и определување или замена на контактни леќи“.
Ѓулистана Марковска, специјалист офталмолог рече дека Законот за здравствена заштита е темелен закон, кој претрпел многу измени. Во делот на нацрт измените на Законот за здравствена заштита, појасни, и сега има голем број направени измени и тоа на подобро. Според неа, во делот на специјализациите опфатени во Законот има голем број позитивни промени.
– Во делот на дополнителната работа има одредено подобрување бидејќи се зголемени процентите за профит на тимовите. Оној дел кој, според мене, претставува најголема структурална измена е делот на воведувањето на оптометристите како здравствени работници, додаде Марковска.
Претставникот на младите специјализанти Билјана Додева рече дека со Законот нивниот проблем и статус не е решен. Посочи дека им е ускратено правото за плата за тоа што го работат, за социјална сигурност, за образование под еднакви услови, правото на приватност, на еднаквост и слобода од дискриминација и правото за формирање на семејство.
– За работата што ја работиме не добиваме плата, немаме статус на вработени лица, не ни тече работен стаж, немаме здравствено и пензиски осигурување, додаде Додева.