Државата ја зајакнува заштитата на жртвите на семејно насилство

Од:

Поголема превенција, поефикасни мерки за заштита на жртвите од семејно насилство, како отстранување на сторителот на насилството од домот, прецизирање на сите обврски на вклучените институции, како и рокови во кои треба да ги преземат активностите и мерките за заштита, нивна меѓусебна координација, мерки за економско јакнење на жртвите на ваков тип насилство, се само дел од решенијата од Новиот предлог закон за превенција, заштита и спречување на семејното насилство презентирани денеска на јавната расправа на која учествуваа претставници од сите институции вклучени во борбата против семејното насилство.

– Овој Предлог-закон ги дефинира начелата на кои ќе се заснова почитувањето на достоинството и личниот интегритет на жртвите на семејно насилство, третирајќи го овој проблем како повреда на основните човекови права. Како основни начела се предвидуваат начелото на итност и одговорност на надлежните институции и интерсекторското постапување и координирање, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој имаше обраќање на расправата.

Тој појасни дека со него се овозможува значително поголема превенција на семејното насилство, преку предвидени модули за ненасилно однесување во семејството во сите степени на образованието и предучилишното воспитување.

–  Она што е клучно и особено битно е тоа што отсега натаму жртвите на семејно насилство ќе имаат приоритет во активните мерки и политики за вработување што треба да придонесе за побрзо и поефикасно економско јакнење на жртвите и полесно вклучување на пазарот на труд, наоѓање соодветна работа за да можат економски да бидат независни и способни да го продолжат својот живот. Со новиот Предлог-закон се овозможува поголема заштита преку обезбедување построги мерки за сторителите на семејно насилство. Доколку постои опасност по здравјето и животот на жртвата или член на семејството по пријава од страна на полицијата судот во рок од 24 часа треба да донесе привремена мерка за заштита на жртвата – отстранување на сторителот на семејното насилство од живеалиштето. Се подигнува и нивото на координација на институциите и дефинирање на сите надлежности на вклучените институции во спроведувањето на активностите за превенција, заштита и спречување на семејно насилство, истакна Спасов.

Шефот на Канцеларијата на УНДП во Македонија Луиза Винтон смета дека овој Предлог-закон е крупен чекор напред за Република Македонија во справувањето со семејното насилство и, како што истакна, претставува пример за другите земји во регионот.

Од сите добри решенија во Предлог-законот, според неа би можеле да се издвојат мултиресорскиот пристап кој ги дефинира обврските на сите релевантни институции, воведувањето поголеми заштитни мерки за жртвите на семејно насилство како високи глоби за сторителите кои не го почитуваат налогот на судот, но и можноста насилникот да биде отстранет од домот и мерките за превенирање на второстепена виктимизација.

Уверени сме, рече Винтон, дека новиот закон ќе помогне правдата да биде задоволена за сите жртви на семејното насилство.

Таа подвлече дека искуствата покажуваат оти мажите се најчестите вршители на семејно насилство кое го вршат врз жените. Таа се надева дека ваквите законски решенија ќе овозможат поефикасна борба против семејното насилство, но, како што рече, многу е важно да се искоренат и причините за семејно насилство преку обезбедување рамноправност на мажите и жените.

Според неа, во справувањето со семејното насилство од исклучителна важност е пријавувањето на семејното насилство во полиција и во другите одговорни органи затоа што, како што истакна, тоа не е дел од приватниот живот и нешто што треба да остане во границите на семејството, туку голем општествен проблем.

Според статистиката што УНДП ја има за Македонија, 93 проценти од сторителите на семејно насилство се мажи, а 82 проценти од жртвите се жени. Само четири отсто мажи биле жртви на семејно насилство.

Предложениот закон, за кој ќе се одржат уште две јавни расправи, една со невладините организации и граѓански здруженија, и една во собраниската Комисија за еднакви можности на мажите и жените, предвидува проширување на опсегот на заштита и на жртвите на економско искористување, се утврдуваат надлежностите на институциите кои се одговорни да постапуваат во овие случаи и одговорноста за пријавување на сознание за сторено насилство до полициска станица или ценатар за социјална работа. Исто така се дефинираат обврските на центрите за социјална работа и мерките кои треба да ги преземат за заштита на жртвите, но и итните рокови во кои треба да ги преземат соодветните постапки и активности, се прецизираат надлежностите на здравствените работници.

Се предвидува привремените мерки за заштита да ги изрекува Основен суд по предлог на Центарот за социјална работа, се подобрува регулативата во однос на подигнување на нивото на изречените судски мерки за заштита од семејното насилство. Во оваа насока предвидена е парична казна од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност за непочитување на одлуката.

Во предложениот закон се определуваат постапките и роковите во кои тие треба да ги преземе овластениот полициски службеник секогаш кога има пријава за семејно насилство. Најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата тој треба да изготви полициски извештај, да обезбеди жртвата веднаш да добие соодветна здравствена заштита, да изготви предлог за изрекување привремена мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забранување на приближување до домот кој заедно со полицискиот извештај треба да го достави до надлежниот основен суд. Тој треба д го извести и надлежниот Центар за заштита заради преземање мерки за заштита на насилството.

Како новина е предвидено дека судот може да изрече привремена мерка за заштита врз основа на стручен наод и мислење на Центарот за социјална работа, како и врз основа на полицискиот извештај и предлогот за отстранување од домот и забрана за приближување во период од најмалку 14 дена. Изречената одлука за привремената мерка за заштита судот во рок од 6 часа од одржаното рочиште треба да ја достави до органот за прогон, кој во рок од 12 часа по приемот ја доставува до сторителот на семејното насилство. Доколку тој доброволно не го напушти домот во рок од два часа, полициските службеници ќе го отстранат.

Јавните дебати како денешнава и планираните две други, според министерот Спасов, имаат за цел да ги консултираат сите страни, експерти и стручни лица кои работат на оваа тема и имаат искуство од областа на заштитата и спречувањето на семејното насилство, за, како што истакна, да се дефинира законски текст кој навистина ќе ја зајакне борбата против семејното насилство, ќе обезбеди поголема заштита на жртвите, но и ќе овозможи превенција на семејното насилство.

Би можело да ве интересира

МВР: Кривична пријава за полицаец осомничен за семејно насилство

Уапсени се двајца неготинци за напад врз малолетна ќерка и сестра

Скопјанец со тврд предмет си го истепал 76-годишниот татко

Во скопско Визбегово татко ги нападнал своите синови

Тетовец ја затворил снаата во куќа и повеќе пати ја тепал

52-годишен скопјанец бил истепан од неговата вонбрачна партнерка