На сопствениците на приватни шуми на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, дозвола за експлоатација на огревно дрво и нивен транспорт почна да им се издава во дебарската работна единица „Стогово“ на ЈП„Македонски шуми“.
– Повеќе тие нема да се малтретираат да одат до Струга. Барањата и потребните документи ги доставуваат кај нас и ние им издаваме дозвола за сеча, како и испратница за транспорт на огревното дрво, изјави Рами Љата, раководител на дебарската работна единица.
Во врска со снабдувањето на дебарските семејства со огревно дрво за оваа зимска сезона, Љата тврди дека дури 99 отсто од домаќинствата кои побарале огревно дрво веќе се снабдени со него. Остануваат, како што појасни, уште неколку семејства, но и ним деновиве треба да им се испорачаат.
Инаку, врз основа на планот, извршена е сеча на 9.000 метри кубни огревно дрво, кое освен на домаќинства во двете општини, им се испорачани и на домаќинства во Гостивар, Тетово и Струга.