Големата акција за чистење на Скопје продолжува во полн ек. Екипите на јавните градски претпријатија досега ги исчистија улиците и јавните површини во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Центар, Чаир и во Шуто Оризари. Последниве два дена акцијата се спроведува во општината Карпош, а во текот на наредните денови работите ќе се преселат во општините Ѓорче Петров и Сарај.
Целта на оваа голема акција е чистење и миење на улиците од прашината која со години се таложи и претставува една од краткорочните мерки за намалување на загадувањето во градот. Екипите на јавните градски претпријатија засилени со дополнително ангажираните работници деновиве ги метеа и ги миеја градските улици и булевари, ги расчистуваа јавните површини од отпадоци, ги отстрануваа дивите депонии, ги чистеа шахтите, сливниците и канализациската мрежа, ги кастреа гранките на дрвјата и го чистеа зеленилото.
Така, во општината Аеродром се расчистени 400 кубни метри смет од дивите депонии, од општината Бутел се отстранети 500 кубни метри диви депонии, од општината Гази Баба – 734 кубни метри смет, од општината Кисела Вода – 150 кубни метри отпад, во општината Центар – 120 кубни метри смет, од општината Чаир – 150 кубни метри отпад, а во општината Шуто Оризари се расчистени диви депонии со зафатнина од 700 кубни метри. Или вкупно, досега се отстранети 2.754 кубни метри смет од дивите депонии.
Со оваа голема акција за чистење се опфатени сите 10 општини во Скопје. Акцијата се очекува да трае 20-ина дена. По завршувањето на чистењето на улиците, работните активности ќе продолжат на кејот на реката Вардар.
За оваа акција Град Скопје ангажираше неколку стотини невработени лица кои се повикани во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија.