Досега дваесет македонски државјани го напуштиле Израел, кризниот штаб ги кординира активностите за помош и евакуација

Од:

Дваесет македонски државјани кои побарале асистенција за нивна евакуација од Израел, безбедно ја напуштиле земјата и се на пат кон Северна Македонија. Уште 11 очекуваат асистенција, а се проценува дека ги има меѓу 100 и 200, соопшти вечерва Министерството за надворешни работи информирајќи за преземените активности преку Кризниот штаб формиран во Министерството.

Од МНР наведуваат дека по вчерашните брутални напади од страна на Хамас на територијата на Израел, безбедносната состојба во државата, особено во деловите кои со во близина на Појасот Газа и пограничните делови со Либан, е сериозно влошена, и бројни наши граѓани се пријавија на телефоните во Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив и СОС телефоните во централа и побараа асистенција за нивна евакуација.

-Од пријавените граѓани, деветте туристи кои доаѓаат од Велес, и кои во комуникација со нашите колеги од Албанија беа прифатени во специјалниот лет на Владата на Албанија за евакуација од Тел Авив, наскоро очекуваме да слетаат во Тирана, од каде претставници од нашата амбасада ќе ги префрлат со организиран транспорт кон дома. Во оваа прилика изразуваме благодарност до колегите од Албанија, за брзата реакција и прифаќање на нашите државјани. Претходно, седум наши државјани, туристи кои беа затечени во Витлеем, успешно ја поминаа границата со Јордан, каде беа прифатени од нашата почесна конзулка; сега се на безбедно и во наредните денови се очекува нивно упатување кон дома. Утрово, четворочлено семејство затекнато во Тел Авив, преку комерцијален лет се упати кон Истанбул, од каде исто така ќе го продолжи патувањето кон дома, посочуваат од МНР.

Амбасадата во Тел Авив останува во контакт со сите останати наши државјани кои се имаат пријавено и побарале асистенција при нивното напуштање на Израел. Меѓу нив се и 11 градежни работници кои се затечени во Рамала на Западниот Брег.

Министерството за надворешни работи, преку Кризниот штаб и дипломатско-конзуларната мрежа, воспостави директна комуникација и координација со земјите од регионот на Блискиот исток и Југоисточна Европа, со цел искористување на сите расположливи летови и враќање на нашите државјани, за што е пратена и итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Република Северна Македонија, во двата региона.

Според проценки на Кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, кои ги очекуваме да се пријават, или да бидат пријавени од нивните блиски во начите контакт центри.

За повеќе информации, на располагање се СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378. Подетални информации околу актуелните состојби можат да се најдат на следната веб страница: https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx .

Од МНР уште еднаш апелираат до нашите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во Амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје.

Би можело да ве интересира

Петмина Израелци ранети во пукање на Западниот Брег – Нетанјаху нареди блокада

Нетанјаху: Ако Иран се меша во израелските избори, ќе се соочи со сила каква што досега нема видено

Ѓорѓиевски: По повеќегодишен застој и стагнација ја завршуваме изградбата на клучката кај Момин Поток

Пристигнаа сто нови возила за итната помош, се унапредуваат условите за иницијален третман на пациентите уште при транспортот

„Разговори за иднината во 12:05: Филипче уште еднаш го жртвува другарот Јовица Радески

СДСМ: Јасно е дека кривичната против Јани Макрадули е по нарачка