Службата за општи и заеднички работи, како институција која ги покрива трошоците за телефонските разговори на носителите на државни функции, нема никакви трошоци и не ја покрива телефонската сметка на Никола Груевски. Пратеникот Павле Богоевски треба да се извини на јавноста за изнесените невистини и квалификации, изјави за МИА директорот на СОЗР Васе Доневски.
На денешното продолжение на конститутивната седница на Собранието пратеникот од коалицијата на СДСМ Павле Богоевски покажа сметка од мобилен за која тој наведе дека е од службениот телефон на Никола Груевски, а според која за разговори од странство претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потрошил 184.000 денари. Според Богоевски, сметката била стигната на адресата на Владата, чии служби требало да ја платат од државниот буџет.
– Од службениот премиерски телефон, што го плаќа Владата, во периодот од 1 март до 1 април 2017 година, направена е сметка над 184 илјади денари за роаминг, рече Богоевски и праша дали тоа значи дека државата ги плаќа координациите на Груевски од Малта.
Тврдењето на Богоевски го демантираше и ВМРО-ДПМНЕ од каде оценија дека СДСМ во очај се претвора во фабрика за лажни вести обидувајќи се да го покрие срамот од прифаќањето на тиранската платформа.
– Веста дека Владата го плаќа телефонот на претседателот Никола Груевски е целосна измислица. Груевски нема телефон кој го плаќа Владата. Ниту пак од Малта имал разговори за такви високи сметки. Лагите и лажните вести станаа синоним за СДСМ. Пратеникот Павле Богоевски со лажно претставување како невладин активист влезе во Собранието, а сега преку пласирање невистини се обидува да му се додвори на неговиот лидер, криминалецот Зоран Заев. Криминогеното раководство на СДСМ нема да може на овој начин да се амнестира себеси од предавството на највисоките државни и национални интереси, стои во демантот од ВМРО-ДПМНЕ.