Пациенти со астма, доктори и луѓе кои сакаат да помогнат во подигање на свесноста за оваа болест учествуваа на кратка брзинска трка на кејот на Вардар по повод Светскиот ден на астмата, што годинава се одбележува под мотото „Вие можете да ја контролирате астмата“.
– Болеста не треба да им биде пречка на луѓето кои треба да продолжат да совладуваат кратки и долги патеки и да уживаат во животот со полни гради, порачаа организаторите на настанот – Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија, Пулмолошкото здружение, Педијатриското здружение и универзитетските клиники за пулмологија и алергологија и за детски болести.
Проф. д-р Дејан Докиќ истакнува дека пациентите кои имаат астма можат да имаат нормален живот па дури и спортски кариери. – Доколку ја примаат навреме и правилно терапијата, ако одат редовно на контроли и се консултираат со својот лекар можат да имаат квалитетен живот, изјави Докиќ, еден од предавачите на денешната конференцијата на која беа презентирани најновите сознанија на полето на астматологијата.
Статистиката покажува пораст на бројот на заболени од астма и кај децата и кај возрасните во Македонија, а според Докиќ пациентите многу често не ја препознаваат болеста. Лани на Клиниката за пулмологија биле регистрирани 1.552 амбулантски пациенти, што претставува зголемување во однос на 2013 кога имало 1.240 и од 2012 кога биле регистрирани 1040 пациенти. Има пораст и кај хоспитализираните пациенти. Во 2012 година биле 200, во 2013 хоспитално биле лекувани 205, а лани 230 пациенти, информира Докиќ и потенцира дека се хоспитализирани само најтешките случаи, а сите полесни ги лечат амбулантски.
Непрепознавањето, укажа Докиќ, е поради тоа што болеста е многу незабележителна, тивка, се јавува во форма на отежнато дишење или замор при качување на скали. – Луѓето тоа веднаш не го препишуваат на болест туку секогаш велат дека качиле некој килограм повеќе, оти немаат кондиција поради недвижење во зимскиот период. Потоа кашлица, човек може да кашла од различни причини не секогаш луѓето тоа го поврзуваат со астма. Кога ќе дојде до свирење и гушење во градите дури тогаш доаѓаат на лекар и најчесто се дијагностицира, истакнува проф.д-р Докиќ, кој е претседател на Здружението за алергологија и клиничка имунологија.
Според директорката на Клиниката за пулмологија и алергологија Бисерка Јовковска Ќаева, за астматичарите во државава има достапни лекарства на позитивна листа. – Има доволно лекарства, уште пред пет-шест години инхалаторната терапија е ставена на позитивната листа што е огромна предност имајќи предвид колку беше скапа претходно и беше оптоварување на буџетот на секој пациент. Има и други препарати, а се трудиме уште некои други да бидат достапни на рецепт. Терапијата е иста како што ја примаат болните во развиените држави, Америка, Германија…, изјави Јовковска Ќаева.
Астмата изминативе години го носи приматот епидемија на 21. век и сè почесто на удар се лица помлади од 18 години. Во светот се регистрирани повеќе од 300 милиони случаи, а проекциите се дека до 2025 година тој број ќе се зголеми за 100 милиони. Астмата е хронично опструктивно воспаление на дишните патишта кое е проследено со различни симптоми меѓу кои и тешко дишење, кашлица, стегање во градите и загуба на здив.