Едно лице дел од персоналот на Одделот за трансфузиологија во Охрид е позитивно на коронавирусот, дознава „А1он“ од свои извори. Неофицијално, станува збор за доктор.
Министерот за здравство, Венко Филипче, не даде конкретен одговор на прашањето дали лицето од Охрид кое денес било дијагностицирано е доктор, иако двапати му беше поставено во текот на последната прес-конференција.
Тој кажа дека исконтактирани се пациентите кои доаѓале деветте дена додека одделот работеше, бидејќи не се знаело дека било прегледувано заболено лице. Докторката од охридска трансфузиологија била испитана завчера, по истекот на 14 дена од инкубацискиот период.
„Сите кои беа во контакт, вработените, медицинските сестри и пациентите се исконтактирани и се со препорака за домашна изолација. Не се контактирани оние чиј период од 14 дена не им е поминат. Кога ќе помине ќе се направи соодветно тестирање“, рече Филипче.
„А1он“ исконтактира и со директорот Центарот за јавно здравје-Охрид, Сашо Точков, кој не сакаше ниту да потврди, ниту да демантира дека има заболена докторка. Наспроти ова, тој кажа одговори да бараме од Министерството за здравство и од Институтот за јавно здравје, бидејќи тие ги имале информациите.
Персоналот од трансфузиолошкото одделение е во карантин од 19 март, односно од пред седум дена, а со заболениот пациент од Охрид, контактирале на 10 март овој месец. Персоналот до тогаш не знаел дека пациентот кој бил на преглед кај нив има коронавирус.
Па затоа, наместо во 14 дневна изолација, тие ќе останат додека да бидат изработени резултатите од тестовите за присуство на коронавирус, пресметано од денот кога го имале првиот контакт со пациентот заболен од коронавирус.
Директорот на ЦЈЗ-Охрид, Точков, пред три дена, за „А1он“ изјави дека од денот кога заболениот бил на Одделот за трансфузиологија, таму идните 9 дена доаѓале и голем број други пациенти кои имале закажано термин.