Нема простор за загриженост кај жителите на Дојран кои стравуваат дека ќе се повтори еколошката катастрофа со езерото кое веќе три месеци не се полни со свежа вода за да се заштеди енергија, уверуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање. Министерството денес одговори на прашањата од „А1он“ за причините и можните последици од сопирањето на хидросистемот што го полни Дојранско Езеро, поставени во понеделникот. Објаснуваат дека заштедата на енергија не била единствената причина поради која ги изгасиле пумпите за доток на вода во езерото.
„Имајќи предвид дека изминатите години нивото на Дојранско Езеро е над нормалното ниво, се постави прашање дали бунарскиот систем ја исполнил својата цел за надополнување на езерото, и истиот треба да продолжи да се користи за наводнување, водоснабдување и за други јавни потреби, при што истиот треба да се предаде на управување на ново јавно претпријатие, преку кое ќе се извршуваат наведените активности. До формирање на ново јавно претпријатие или предавање на системот на стопанисување на друг субјект, режимот на работа на бунарското подрачје треба да се промени, на начин да се минимизираат трошоците на електрична енергија, кои тековната година се енормно високи, а ако се има предвид состојбата на езерото, непотребни“, велат од Министерството за животна средина.
Близу еден милион евра годишно бил трошокот за струја и одржување на хидросистемот до 2020 година, а од октомври 2021 година месечно, само за струја, Министерството почнало да одвојува по 20 милиони денари па на годишно ниво трошокот би изнесувал 3,9 милиони евра. Сметка од 20 милиони денари Министерството плаќало заклучно со февруари годинава, односно пет месеци, оти пумпите биле исклучени на крајот на февруари.
Иако дојранчани алармираат дека е веќе забележливо дека паѓа нивото на водата, што според нив е највидливо на брегот, загрижени се и оти езерото почнало да ја менува бојата кон кафено и да се појавуваат миризби бидејќи нема доток на свежа вода, од Министерството уверуваат дека Дојранско е на граница на договорениот максимум со Грција.
„Согласно Годишниот извештај за квалитет на животната средина за 2020 година од УХМР, нормалната кота на езерото е 144,93 мнм, а во 2020 година е нивото на водата е бележи пораст за 2.33 м. Согласно податоците од Управата за хидрометеоролошка дејност, нивото на Дојранско Езеро е на граница на договорениот максимум со Грција на кота од 147,34 м.н.м (Грчка релевантна кота 146.00). Последната јавно објавена Информација за хидролошката состојба на реките и езерата од 15.06.2022 година нормалната кота на езерото е 147,03 мнм, што е над ‘0’ котата која изнесува 144, 93 мнм. Согласно посочените податоци и анализи, нема место за вознемиреност на жителите, а во случај на евентуално намалување на нивото на Езерото што би било можност за нарушување на екосистемот, и покрај големите трошоци за електрична енергија, Владата ќе ја разгледа можноста за повторно вклучување на истиот“, велат од Министерството за животна средина.
Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, четири дена не одговара на прашањата од „А1он“ за стравувањата на дојранчани од нова еколошка катастрофа.