ВИДЕО: Три месеци стопиран системот за полнење на Дојранско Езеро, се стравува од нова еколошката катастрофа

Од:

Три месеци е стопиран хидросистемот за полнење на Дојранското Езеро. Нема доток на свежа вода, водостојот е во опаѓање, а дојранчани веќе стравуваат дека ќе им се повтори еколошката катастрофа со исчезнување на езерото за чие надминување, пред две децении, беше изграден хидросистемот. Бидејќи низ него не минува вода, во каналот преку кој се полнеше езерото сега се израснати треви, а во некои делови има застојана вода.

Дојранчани велат дека меѓу заштедата на струја и еколошката одржливост на езерото, државата ја одбрала струјата и ги изгасила пумпите со кои се извлекува водата за доток во Дојранско.

„Тоа се случи пред три месеци, заедно со енергетската криза, а причината не се високите сметки за струја, како што претпоставуваат жителите, туку тоа што хидросистемот е голем потрошувач на енергија. Пумпите ги изгасија во периодот од 25 до 28 февруари и од тогаш воопшто не се вклучени. Во каналот има по малку вода од изворот Топлец, но тоа е само една дваесетина од она што би требало да го има. Низ каналот првата година кога го пуштивме минуваа по 700- 800 литри во секунда, 16 милиони кубици дотекоа и водостојот беше кренат за 50 сантиметри. Сега веќе, по три месеци стопирање, забележливо е дека се намалува водостојот, на брегот е сосема видливо дека нивото на водата опаѓа“, вели Филип Дончовски, кој во 2001 година беше извршен директор на хидросистемот за спас на Дојранското Езеро, а сега е раководител на пречистителна станица во Нов Дојран.

Дончовски не е загрижен за водостојот онолку колку што е загрижен за квалитетот на водата во езерото за што, вели, клучен фактор бил дотокот на свежа вода.

„Поголем проблем е квалитетот на водата. Високата температура на водата во езерото го забрзува процесот на распаѓање на флората и фауната во него, почнува да се менува бојата, да оди кон кафена и се појавуваат карактеристични миризби. Свежата вода сето тоа го забавуваше, а бидејќи ја нема три месеци сега е веќе видливо. Коефициентот на распаѓање, на пример на трската, во Дојранско во споредба со Охридско Езеро е 1:6, кај нас шест пати побрзо се распаѓа поради високата температура. Освен тоа, свежата вода постојано го креваше квалитетот на водата за капење, за една категорија подобра ја правеше“, вели Дончовски и предупредува за многу кусо време може да го изгубиме она на што се работеше последните две децении.

Според него, највидлив ќе биде прекинот во дотокот на свежа вода на крајот на август и почетокот на септември кога Грците вклучуваат пумпи за наводнување на нивите покрај езерото, а истовремено испарувањата се големи поради високите температури..

Со хидросистемот за спас на Дојранското Езеро раководи Министерството за животна средина. Од таму најавија дека ќе дадат објаснување за стопирањето, но им треба повеќе време оти, како што рекоа, се работи за комплексен и обемен материјал.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, не одговори на телефонските повици од „А1он“ ниту, пак, на пораките за проблемот со стопирањето на хидросистемот и стравувањата дека ќе се повтори еколошката катастрофа.

Хидросистемот за спас на Дојранското Езеро е дело на Владата на ВМРО – ДПМНЕ на чело со Љупчо Георгиевски. По долготрајното празнење на езерото и екстремно нискиот водостој, во 1999 година Владата донесе одлука за прогласување елементарна непогода и поведе иницијатива за спас на Дојранско Езеро во чии рамки во 2001 почна изградбата на хидросистемот за доведување дополнителни количини вода од Ѓавато кај Богданци, а првите количини беа испумпани во 2003 година.

Би можело да ве интересира

Албански државјани нелегално влегле во Македонија – ги откриле на граница кај Дојран

Велес пред нова еко-катастрофа: Троската од Топилница полна со олово ќе се дроби и меле пред да се извезува

Орце Костов

Двајца мажи краделе во туристички капацитети и викенд-куќи во Дојран

Се шири пожарот кај Дојран, се очекува поддршка за гаснење од воздух

Горан Наумовски

Уапсени дваесет лица, од кои еден Грк: Фатени се со дрога на фестивал во Дојран

Орце Костов

Градоначалникот на Дојран бара во летниот период да проработи Хидросистемот „Ѓавато“

Ана Ололовска