Обвинетиот, Никола Митревски е свесен дека има одговорност со самото влегување во Собранието. Доколку имало напад врз Сашо Тасевски, кој е дел од обезбедувањето на министерот Оливер Спасовски, треба да се одговара соодветно, но не за делото кое му се става на товар „терористичко загрозување на уставниот поредок”, рече адвокатката на Никола Митревски-Кољо, Маја Дојчиновска на денешното рочиште на кое се изнесуваат завршните зборови за „крвавиот четврток”.
Дојчиновска во завршните зборови кажа и дека од снимките кои беа презентирани во судницата се гледа дека Кољо немал никакви организациони карактеристики односно во ниту еден момент не ја насочувал толпата каде да се движи во Собранието.
Бранителката на Кољо покрај другото даде осврт и на сведочењето на браќата Стефан и Михаил Младеноски велејќи дека во нивниот исказ селективно изнесувале факти за случајот и покрај тоа што не давањето реален и вистинит исказ пред судот претставува кривично дело.
-Од снимките видовме дека Митревски немал никави организациски карактеристики, не ја насочувал толпата во Собранието. Обвинетите Стефан и Михаил Младеноски против Митревски селективно изнесуваа факти немајќи одговорност пред судот иако тоа претставува кривично дело, вели Дојчиновска.
Адвокатката како што рече, согласно изнесените докази и кривичниот законик, побара ослободителна пресуда за Никола Митревски-Кољо. За делото кое им се става на товар на обвинетите за 27 април „терористичко загрозување на уставниот поредок”, е предвидена затворска казна од 10 години.
Виктор Јованов