Аналитичарите не се изненадени од точките во Прогласот на ВМРО-ДПМНЕ и посочуваат дека тоа се истите позиции од кои Груевски десет години ја урива демократијата во Македонија, поради што и кулминираше кризата. Прогласот од пет точки што го донел Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а кој на протест пред седиштето на ДИК синоќа го прочита партискиот лидер Никола Груевски, внесе нови тензии и неизвесности на македонската политичка сцена. Неговата содржина отвори сомневања дека Груевски планира сериозна меѓународна изолација на Македонија и отворена диктатура, објави Дојче веле.
Социјалните медиуми вивнаа од коментари. „Груевски планира да ја скара Македонија со целиот свет“, „Крајната цел е воведување вонредна состојба, за која уште еднаш ќе биде употребен Иванов“. „Целосно изгубил контакт со реалноста“, „Очаен алиби говор за да го покрие поразот“… се дел од коментарите на јавноста која бара промени. Од партискиот атар на ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат исклучиво честитки за Прогласот и пораки на храбрење: „Време беше да им ја покаже вратата на странците“, „Напред Никола, крст за амбасадорите и за соросоидите“. Дел од пораките не се за цитирање, поради изобилство од изрази на омраза, вулгарности и навреди кон странските дипломати, кон домашни политичари и етнички заедници.
Аналитичарите не се изненадени од точките во Прогласот и посочуваат дека тоа се истите позиции од кои Груевски десет години ја урива демократијата во Македонија, поради што и кулминираше кризата. Но, изненадени се од речникот со кои беа обвинети „некои амбасадори дека премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата и дека тоа мора да запре“.
Дипломатијата е уметност која се потпира врз деликатноста на изразот и зборот, која култивира дискреција наместо агресивност и рационалност наместо емоции, укажува поранешниот македонски амбасадор Нано Ружин.
– Кога овие златни правила на високата дипломатија која се однесува на комуникација меѓу амабасадори, партиски лидери, премиери и претседатели ќе ги споредиме со реториката на Груевски со амбасадорите на САД и на ЕУ, неговото дипломатско комуницирање асоцира на однесување на избезумен слон во продавница за порцелан – вели Ружин.
Како пример за тоа го посочува и партиското соопштение од средбата со амасадорот на САД, на која Груевски „држел лекција“ каква е улогата на еден амбасадор.
– Како да се протолкува овој дипломатски имброглио на Груевски? Барајќи спас од оваа состојба, Груевски очајно ќе настојува да спроведе некое поинакво сценарио: по секоја цена да влезе во некоја евентуална голема владеачка коалиција, или да направи највисок степен на автаркија со несогледиви последици за државата и по демократијата. Со недипломатскиот јазик кон амбасадорот на САД веројатно се надева дека новиот председател Трамп ќе го повлече Бејли од Скопје и ќе го поддржи западнобалканскиот „мал Орбан“ да продолжи со својот авторитарен популизам. Оние што ја следат надворешна политика на САД се свесни дека преку ноќ не се менува ни таа, ни амбасадорите. Дали Груевски е жртва на неинформираност од страна на неговиот министер за надворешни работи и на амбасадорите во Брисел и Вашингтон? Можно е дека овие уплашени дипломати за да не го повредат чувствителниот Груевски и да ги сочуваат своите позиции, ги шминкаат нивните депеши, исто како во времето на еднопартизмот – вели Ружин.
Се сомнева и дека му ги преведуваат написите во европските медиуми како „Монд“, „Шпигел“, „Стандард“…, каде се цитира изразот на ЕУ за РМ како „заробена држава“, држава на корупција, авторитарност, клиентелизам, партизирано судство…