Сертификати за успешно завршена акцелераторска програма денеска добија 34 млади претприемачи.
Програмата е дел од Проектот за микро и мали претпријатија на УСАИД кој се спроведува во осум региони и ја покрива цела Македонија, а доделувањето на сертификатите беше по повод Глобалната недела на претприемништво.
Американскиот амбасадорот Џес Бејли на доделувањето рече дека станува збор за импресивна група талентирани претприемачи кои се иднина за бизнисот во Македонија и регионот.
– Вашиот претприемачки дух е она што го поттикнува економскиот раст и води до сигурни приходи и нови работни места во Македонија. Често е тешко да се направи првиот чекор и да се влезе во претприемништво. Тешко е да се развие професионален бизнис план, да се добие пристап до финансиски средства, да се подобрат вештините и мрежата неопходни за конкурентна предност. Го цениме трудот на Хаб Скопје да го направи овој процес полесен, рече Бејли.
Според швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада, само околу 30 проценти од бизнисите во Македонија се во сопственост на жени, а мнозинството од нив се микро и мали претпријатија.
– Швајцарија цврсто го поддржува женското претприемништво и 58 проценти од учесниците во акцелераторската програма се жени. Се надевам дека во иднина ќе имаме повеќе жени претприемачи во Македонија и многу од нив ќе успеат да го развијат целиот потенцијал на нивниот бизнис и ќе го прошират, рече Сутер Техада.
Проектот во вредност од 3.079.400 милиони долари почна во 2011 година од УСАИД и е кофинансиран од Владата на Швајцарија, а го имплементира ЦЕЕД Македонија.