Доделени наградите за проектот „Творам за Македонија“

Од:

Фондацијата „Никола Кљусев“ денеска им додели награди на основците и средношколците кои имаа најдобри творби во рамки на проектот „Творам за Македонија“. Проектот има за цел да го поттикне творештвото и креативноста на учениците кои оваа година пишуваа поезија и проза на темата „Мојата иднина ја создавам јас“.

Наградени се основците Анабела Симоновска од ООУ „Крсте Мисирков“-Куманово, Магдалена Јакимовска од ООУ „Гоце Делчев“-Скопје, Ерика Спасева од ООУ „Гоце Делчев“-Свети Николе, Михаела Стефановска од ОУ „Св. Кирил и Методиј”-Битола и Викторија Попова од ООУ „Владо Кантарџиев”-Гевгелија.

Од средношколците награди добија Тина Урдинова од СОУ „Богданци“ – Богданци, Дијана Дурлевиќ од Средношколската академија за бизнис и администрација „САБА“ – Скопје, Елена Костовска од СУГС „Никола Карев“-Скопје, Марија Бојкова од СОУ „Јосиф Јосифовски“-Гевгелија и Драгана Кнежевиќ од СОУ „Гоце Делчев“-Валандово.

– Мило ми е што секоја година се повеќе училишта и ученици земаат учество во она што веќе прераснува во етаблирана манифестација, што ја организираме традиционално. При определувањето на годинашната тема се водевме од познатата мисла на нашиот патрон Никола Кљусев: „Секој човек е градител, носител и уривач на својата среќа, на своите радости и на своите тегоби и страдања, на својата судбина“, истакна директорката на Фондацијата Маргарита Неновска.

Според неа, пристигнатите творби, а особено наградените, зрачат со длабоки емоции и размислувања за тоа како младите ја гледаат и создаваат својата иднина.

Наградените ученици, покрај книги и сертификат за учество, добија и стипендии за школување. Учениците од основните училишта добија стипендија да го продолжат своето образование во приватното средно училиште САБА-Скопје, додека учениците од средните училишта добија ваучер со 25 отсто попуст за тригодишно студирање на Американ колеџ-Скопје.

Проектот „Творам за Македонија“ се организираше со поддршка од Министерство за култура.

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза